НаТочак: МВР, ваше возило е паркирано на велосипедска лента

Велосипедската иницијатива НаТочак повторно реагира за булеварот „Климент Охридски“, каде освен автомобили на несовесни граѓани се паркираат и возила на Министерството за внатрешни работи.

„Во допис кој го пративме до вас побаравме поддршка од вас преку ослободување на велосипедските патеки, односно отстранување на паркирани возила и други пречки на велосипедските ленти. Од кај вас добивме одговор на дописот во кој се изјаснивте дека МВР во наредниот период ќе ги превземе сите неопходни мерки согласно постојните законски прописи за решавање на наведените проблеми. Сликата е направена утрово, четврток 6.9.2018 година во 8:49 часот на булевар ‘Климент Охридски’. Возило на МВР со регистрација 010 462 е паркирано дел на велосипедската лента, дел на пешачката патека, а од сликата може да се види јасно сигнализација за забрането паркирање и знак за велосипедска патека“, соопштува НаТочак, објавувајќи ја фотографијата.

Апелираат до МВР да се држат до нивната изјава во одговорот од дописот на иницијативата да преземат мерки за надминување на овој проблем, почнувајќи од возилата на МВР кои, велат од НаТочак, очигледно ги прекршуваат правилата.

„На булевар со три ленти за возила, се окупира единствениот простор кој го користат пешаците и велосипедистите и притоа се намалува безбедноста на истите кои се приморани да поминуваат на коловоз. Се надеваме на брза реакција и надминување на овој секојдневен проблем“, соопшти иницијативата #НаТочак.