НаТочак: Кои се сообраќајните инженери/урбанисти што испланирале патека низ автобуска постојка?

Исцртувањето на патеките не се прави како што ќе им текне на мајсторите, туку некој тоа го осмислил, некој дал дозвола за поставување на урбаната опрема, а некој извршил надзор на сето тоа и го одобрил, и сите тие се инженери со факултетско образование, реагираат од иницијативата НаТочак, револтирани од едно од решенијата во Скопје за поставување автобуска постојка среде велосипедска патека.

„Живо сме заинтересирани кои се сообраќајните инженери/урбанисти кои испланирале патека која минува низ автобуска постојка или испланирале поставување на постојка на велосипедска патека? И дали има надзор да коригира, ако евентуално е грешката во работниците? Ако нема – зошто нема?

Како не им текнува автобуска постојка да постават сред коловоз? Како им текнува да направат пешачка патека на која не можат да се разминат ни двајца, а не им текнува да направат помалку или потесни ленти за автомобили? Како им текнува да направат ниша за автобусот за да не успоруваат автомобилите, но не им текнува дека потребни се комотни услови за тие што чекаат автобус? Сфаќате ли дека тоа е всушност разликата, зошто во Скопје се возат доминантно автомобили? Зашто за автомобили се почитуваат сите стандарди и се тежнее кон максималните, а за пешачење и возење велосипед, за користење јавен превоз – ни минималните“, јавно прашуваат од иницијативата.

Тие бараат точно да се лоцираат местата каде се греши, за да не се случуваат и понатаму вакви трагикомични ситуации.

„Тие прашања се однесуваат на сегашното постапување. Има и чекори наназад во правењето на проектот за „Борис Трајковски“. Кој испланирал проширување на овој булевар со максимална широчина на ленти за автомобили и ниши за автобуси, сè со цел автомобилите да возат со максимална животозагрозувачка брзина, а испланирал пешачка патека под минимални стандарди? И не го предвидел конфликтот патници во автобус – луѓе на точак? Мора да престанеме со вакви штетни проекти, ако се грижиме за безбедноста во сообраќајот, ако се грижиме за одржлив транспортен модел на Скопје“, додаваат НаТочак.