НаТочак: ЈСП губи патници, не се прават анализи како корона-кризата ќе влијае на сообраќајот

За 70 отсто е намален бројот на патници во јавниот превоз во Скопје откако почна пандемијата на КОВИД-19, поради што ЈСП ‘Скопје’ работи со загуби. Од март, кога беше прогласена вонредна состојба и беа воведени рестриктивни мерки и полициски час па до сега, бројот на патници е драстично помал во споредба со истиот период лани. Лани за три месеци со јавен превоз се возеле 16 милиони патници, а годинава за истиот период 4,3 милиони“, велат од иницијативата НаТочак.

Дел од овие загуби, потенцираат од НаТочак, се должат на намалувањето на сообраќајот општо. Многу луѓе се сè уште дома поради мерките, дел работат од дома и не се одеше на училиште и факултет.

„Но падот на автомобилскиот сообраќај не е пропорционален. Тоа говори дека дел од загубата на патниците на јавниот превоз кои продолжиле да одат на работа и да се движат низ градот се префрлиле на автомобил. Евидентно е дека мал број се префрлиле и на точак, зашто има пораст на велосипедскиот сообраќај“, соопштуваат од

Сепак, од таму велат има мерачи во автобусите, има мерачи и ЦУКС за автомобили, но, за жал, нема мерачи за велосипеди за да се добие целосната слика.

„И за жал не се прават анализи како корона-кризата ќе влијае на сообраќајот и како да се спречат негативните сценарија, барем според она нам што ни е познато. Се очекува оваа криза да направи големи штети на јавниот превоз секаде во светот“, забележуваат вело-активистите.

Mалото учество на јавниот превоз во Скопје, велат тие, уште повеќе ќе се намалува и некои луѓе и трајно ќе се откажат од јавниот превоз и откако ќе помине кризата.

„На ова предупредуваат сите поголеми градови кои презедоа решителни мерки #ПросторАнтиКорона со кои креираа простор за велосипеди и пешаци како алтернатива на јавниот превоз и како простор кој нема да дозволи пораст на автомобилскиот сообраќај во меѓувремето. Ако тоа не го направиме и ние, Скопје (и државава) сѐ повеќе ќе стануваат автомобилски и сѐ повеќе ќе го губиме квалитетот на живот, ќе расте бучавата, сѐ позатрупани ќе ни бидат тротоарите, сѐ повеќе паркинг ќе фали и ќе нема место за други јавни содржини, загадувањето од сообраќај ќе расте, а со тоа и смртноста од Ковид 19, а ќе се оддалечуваме и од климатските цели“, соопштува НаТочак.

Од таму потенцираат дека барањето за #ПросторАнтиКорона е поточно барање за #ПросторЗаЗдравје.

„И како такво не само што беше доставено до сите релевантни институции во март, туку е и упатено до политичките партии како дел од 10-те #ЦрвениВелоЛинии“, потенцираат вело-активистите.