Наташа Булеска, УСАИД: Да се тргнат политичките влијанија при вработување наставници и именување директори

Образовниот систем во Македонија треба да стави крај на политичките влијанија при вработувањето наставници и именување директори и мора да има јасна визија за тоа какви ученици сака да создаде, вели Наташа Булеска од канцеларијата за образование на УСАИД Македонија, во интервјуто за Радио МОФ по повод одбележувањето на јубилејните 25 години работа на УСАИД во земјава. За новите образовни реформи, смета Булеска, треба да се земат во предвид анализите на она што се случува во Македонија наместо само да се користат анализи и искуства од другите земји.

Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) почнува да работи во Македонија пред 25 години, при што од 2002 година се направени сериозни инвестиции во образованието. Сепак, нотирате дека Македонија заостанува зад другите транзициски земји во делот на образовните перформанси,  подготвеност за вклучување во работниот процес, етничката интеграција меѓу младите, но и вклучување на децата со попреченост во редовното образование. На што се должат овие слабости во македонското образование?

Системот за образование е многу гломазен и тој бавно се менува затоа што е сочинет од голем број чинители. За да имаат ефект големиот број на интервенции кои ги преземаат различните чинители, а меѓу нив и УСАИД, важно е да се има јасна визија за тоа каков ученик сакаме тој систем да продуцира т.е. што треба да умеат младите граѓани на Република Македонија, да се осмислат и добро искоординираат во еден подолг период прецизни интервенции кои водат кон посакуваната цел, но и да се тргнат политичките влијанија при изборот на наставници за вработување, како и при именувањето на училишни директори. И конечно, да се стави во функција системот за нивно понатамошно напредување во кариерата и професионално доусовршување.

И во 21 век, во Македонија има училишта кои немаат соодветни тоалети, прокиснуваат, немаат основни услови за настава. Колку пари на УСАИД се вложени во реновирање и опремување на училишта во Македонија и како ги одредувате приоритетите? Каква е соработката со институциите и локалните власти во овие процеси?

Досега, заедно со Министерството за одбрана на САД (Department of Defense), УСАИД вложи преку шест милиони долари во реновирање на училиштата. Соработката со секторот за капитални инвестиции при Министерството за образование и наука (МОН), а и со општините беше извонредна. Училиштата се пријавуваат на повик кој се објавува еднаш годишно и се одбираат заеднички со МОН според јасно определени критериуми при што се координираат плановите, па така во некои училишта бевме во можност да направиме покрупни интервенции. На пример  со средства од УСАИД може да се заменат прозорците или системот за греење, а со средства од МОН да се поправи кровот, па во тоа училиште да постигнеме значително намалување на трошоците за греење. Училишната пријава секогаш треба да биде поддржана и од локалната власт која пак има обврска да обезбеди средства во висина на барем 10% од вкупната сума на чинење на интервенцијата. Максималната сума на реновирањето која ја обезбедува УСАИД е 30.000 УСД, а во просек општините обезбедуваа дополнителни скоро 30% од оваа сума, што е за поздравување. Оваа соработка е одличен пример за тоа како функционира јавно-приватно партнерство.

Истражувањето на Фондацијата „Чекор по чекор“ покажа дека имаме сериозен проблем со јазичната и математичка писменост во почетните одделенија. Како може да се подобрат резултатите?Дали можеби задолжителното предучилишно образование би дало резултати?

Децата во првите години на својот живот имаат извонреден капацитет за учење и развој и секако дека зголемување на опфатот во предучилишно образование и тоа не само на возраст од 3 до 6 години, туку и уште порано т.е. под 3 годишна возраст би било од огромна помош за да се подобрат резултатите на нашите ученици во почетните одделенија, доколку се зајакне мрежата на градинки и се обезбеди соодветно квалификуван кадар. Нашите истражувања покажаа дека најзначајни фактори кои влијаат на успехот на децата во развивање на вештините на читање и сметање се имањето на книги дома и одењето во библиотека, одење во градинка пред да се отпочне со основно образование, како и образованието на родителите (посебно на мајката). Би им порачала на сите родители со мали деца да им купуваат книги и да им читаат секој ден: не само што така децата порано ќе научат да читаат, туку и ќе го поврзуваат читањето со пријатна активност кога добиваат љубов и внимание од оние кои најмногу им значат.

Министерството за образование и наука изминативе месеци најави низа реформи во образованието, од менување на наставните програми, ревизија на учебници, па се до изготвување комплетно нов Закон за високо образование? Како ги оценувате овие процеси и на кој начин сте вклучени во дел од нив?

Иницирањето покрупни промени е за поздравување и се надевам дека МОН ќе продолжи да ги планира реформите на еден инклузивен и транспарентен начин кој овозможува сите засегнати страни да дадат свое мислење и дека сите нацрт-закони ќе бидат објавени на ЕНЕР. Исто така, при подготвувањето на новите програми кои се дел од предложените реформи, добро е да се земат предвид анализите на она што се случува во Македонија наместо само да се користат анализи од стручната литература напишана за образовните системи на други земји. На пример, првиот нацрт на новата концептуална рамка за програмите за прво до трето одделение предвидуваше да се намали бројот на вкупни часови неделно во овие одделенија, како и бројот на часови по мајчин јазик и математика на кој неделно ќе се намали на четири. Од друга страна, истражувањата во рамките на нашите проекти укажуваат дека еден од можните фактори за послабиот успех во совладувањето на читање и сметање кај учениците во почетните одделенија е токму недоволниот број часови, како и недоволното време во рамките на часовите кое учениците го поминуваат во читање и сметање под водство на наставникот (за да не треба дома со родителите или со тутори да ги стекнуваат овие вештини). Ние овие согледувања ги споделивме со министерството и се надевам тие ќе бидат земени предвид во следната фаза. Треба исто да се земе предвид дека Македонија е на долната граница по бројот на работни денови во една учебна година, како и по бројот на часови на годишно ниво во прво одделение, а како што одиме во следните одделенија, бројката паѓа под минимумот.

УСАИД изминатите години преку неколку проекти, стави посебен фокус на вклучување на децата со попреченост во редовното образование и меѓуетничката интеграција. Колку македонското општество е подготвено за овие процеси и каква е соработката со надлежните институции во реализирање, поддршка и продолжување на овие проекти?

УСАИД почна да работи на поголемо вклучување на децата со попреченост во редовното образование дури во 2010 година и сметам дека иако има значајни успеси на ова поле, сепак уште многу работа треба да се заврши за да имаме вистински инклузивни училишта кои едноставно веруваат дека секое дете може да научи. Ако на сите деца сакаме да им пружиме еднакви можности и поддршка според индивидуалните потреби, тогаш инклузијата не е ништо друго туку обезбедување квалитет. А ако обезбедуваме соодветна настава за секое дете, тогаш имаме квалитетно образование. Што се однесува до меѓуетничката интеграција, и тука имаме доста работа и на ова поле ќе работиме и во наредните години во партнерство со МОН, локалните власти и училиштата. Фокусот ќе ни биде на јакнење на разбирањето и почитување на разликите, разбивање на стереотипите, како и градење на јасен граѓански концепт на одговорен граѓанин кој има свои права, но и обврски кон општеството, семејството и заедницата.

Кои се најуспешните приказни на УСАИД во делот на образованието изминатиот четвртина век во Македонија?

Најпрвин да подвлечам дека во секторот образование УСАИД започна со работа покасно, во 2000 година што значи работиме во последниве осумнаесетина години. Тешко е да се издвојат само неколку најуспешни бидејќи секој проект имал своја цел и без исклучок, сите постигнале многу повеќе од она што првично било зацртано. Некои од позначајните успеси се: создавањето програма за сертифицирање на училишни директори, воведувањето на употребата на информатичко-комуникациски технологии (ИКТ) и интернет како важни алатки за осовременување на наставата, зајакнување на пристапите за поддршка преку стипендирање и менторство за подобрување на образованието на децата од ромската заедница, формирањето на Универзитетот на Југоисточна Европа како прва повеќејазична високо-образовна установа, внесувањето на асистивна технологија во училиштата за поддршка на образованието на децата со попреченост, изготвувањето на првите целосно пристапни онлајн курсеви за деловни и меки, како и ИКТ вештини наменети за младите со попреченост, потоа формирањето реални компании во средните стручни училишта, како и воведувањето изборни предмети во овие училишта наменети за подготовка за вработување и работа, како и учење преку работа во компании и секако соработката со Агенцијата за вработување на Република Македонија која резултираше со вработување на околу 1500 млади луѓе.

Зошто го правите ова, зошто парите на американските граѓани ги вложувате во образованието во Македонија?

Американската влада, набрзо по осамостојувањето на Република Македонија има потпишано билатерална спогодба за поддршка на Македонија и е наш пријател. Се надевам дека како и другите земји кои се членки на ЕУ, така и Македонија еден ден ќе прерасне во држава која со своите капацитети и кадри самата ќе изгради ваква агенција и ќе може да им помага на други земји кои не се на исто ниво на општествен развој да го постигнат својот максимум.

Во рамки на кампањата за одбележување на 25 годишнината на УСАИД во Македонија, го отворивте натпреварот за најдобар расказ, во кој ги прашувате младите каде ја гледаат Македонија за 25 години, и како тие планираат да бидат дел од промените кои е извесно дека ќе се случуваат. Оттука , каде УСАИД ја гледа Македонија во следните децении, и кои ќе бидат вашите приоритети ?

УСАИД ја гледа Македонија како идна членка на Европската Унија и затоа планираме да работиме сè повеќе преку нови видови на партнерства и заедничко вложување со локалните заедници, владата и приватниот сектор за да помогнеме сите граѓаните на Македонија, а посебно младите, да бидат подобро спремни целосно да бидат вклучени во сите текови на една модерна, демократска и економски развиена држава, како и да станат поактивни чинители на развојот кои добро си ги знаат правата и обврските кон својата земја. На глобално ниво, УСАИД во моментов интензивно работи на одредување показатели, за секоја земја посебно, кои земјата треба да ги достигне за да се смета дека е зрела за да може да премине од примател на донаторска помош во партнер кој самиот го води својот општествен развој.