НАТА: Нема забрана за патувања, масовните откажувања на аранжманите им носат штета на туристичките агенции и патниците

Иако постои препорака од Министерството за надворешни работи за воздржување од одредени патувања, засега нема официјална забрана, а туристичките агенции се соочуваат со зголемен број откажувања на веќе резервирани аранжмани. Од Националната асоцијација на туристички агенции (НАТА) велат дека агенциите се наоѓаат меѓу загриженоста на граѓаните и договорните обврски кон странските партнери и авиокомпаниите.

„Постои препорака од Министерството за надворешни работи за воздржување од патувања, но не постои никаква официјална забрана. Туристичките агенции во оваа ситуација се наоѓаат помеѓу легитимната загриженост на граѓаните и договорните обврски кон странските партнери и авиокомпаниите. Важно е да се нагласи дека туристичките агенции како организатори на патувањата не можат самоволно да ги откажат патувањата доколку транспортот и туристичките услуги се одвиваат нормално. Во случај кога патниците одлучуваат да го откажат патувањето од лични причини се применува скалата за откажување која е составен дел од секој договор за патување. Во најдобар случај доколку средствата бидат рефундирани од страна на странските туроператори или партнери тие ќе им бидат вратени и на патниците. Но во овој момент не можеме да шпекулираме за конечниот исход. Истовремено сакаме да потсетиме дека изминатите денови по повод Осми март илјадници македонски туристи веќе отпатувале на различни европски дестинации и нивните патувања се одвиваат непречено. Затоа упатуваме јавен апел до граѓаните да се воздржат од избрзани одлуки и масовни откажувања на патувањата кои во овој момент одат целосно на штета на туристичките агенции кои парите веќе ги уплатиле на странските авиокомпании и немаат можност да им ги рефундираат на патниците“, вели Александар Чоневски, член на Управниот одбор од Националната асоцијација на туристичките агенции.

Од НАТА информираат дека веќе побарале средба со надлежните институции за да се разгледаат можните решенија за патниците кои поради актуелните глобални случувања одлучуваат да ги повлечат своите патувања и бараат враќање на средствата од агенциите.

Според законската регулатива, патниците имаат право да го раскинат договорот за организирано патување, но во таков случај се применуваат одредени финансиски обврски.

„Согласно член 9 3/3 од Законот за облигациони односи патникот има право да го раскине договорот за организирано патување во секој момент пред почетокот на патувањето, но во таков случај е должен да ги надомести реалните трошоци и отказната такса. Бесплатно раскинување на договорот без финансиски последици е можно само во случај на вонредни состојби, како што се прогласена воена состојба или сериозна криза. Личниот став или субјективното мислење без официјално прогласување на вонредна состојба од надлежните во патувачката дестинација не подразбира бесплатно раскинување на договорите“, истакна Ана Марија Алексова – Малева претседателка на НАТА.

Таа посочува дека во изминатата недела околу 90 до 100 патници ги откажале своите патувачки аранжмани за дестинации каде што нема прогласена вонредна состојба, вклучително и во неколку европски земји каде што авиолиниите функционираат нормално и нема назнаки за кризна состојба.

Според неа, во ваквата ситуација најголемиот товар го носат туристичките агенции, бидејќи средствата за аранжманите веќе се префрлени кон странските авиокомпании и партнери и не се во обрт на самите агенции.

Од НАТА велат дека засега не е остварена средба со надлежното Министерство за култура и туризам, но очекуваат во најскоро време институциите да се вклучат во изнаоѓање решение кое нема да биде на штета ниту на туристичките агенции, ниту на патниците кои ги очекуваат назад своите уплатени средства.