Наставниците на протест пред МОН во недела

Под мотото „Подобро образование за сите“ наставниците во недела ќе маршираат кон зградата на Министерството за образование и наука за да го искажат својот револт против новите реформи во основното и средното образование.

Протестот е закажан во 11:30 часот кога наставниците од Наставнички пленум ќе тргнат од јужниот булевар зад старата железничка станица од каде преку мирен марш и протест ќе тргнат кон МОН. Пленумотот ги повика сите граѓани да излезат и јавно да ја изразат својата поддршка како и родителите, синдикалните организации, граѓански здруженија, невладини организации, хонорарци,пензионери,бизнис заедници и новинарите. Тие очекуваат целосна поддршка од останатите пленуми.

Наставниците во неколку наврати ги повторија своите барања, а овојпат тоа ќе го направат и директно пред зградата на МОН. Тие бараат да се стават вон сила и под целосен мораториум Законот за наставници, Законот за Академија и Законот за основно и средно образование и темелна анализа на состојбите во образованието, како и јавна дебата во која ќе учествуваат, според наставниците, релевантни стручни кадри. Покрај, ова тие бараат и целосно укинување на казните и наградите на наставниците како резултат на екстерното тестирање.

„Екстерното тестирање може да има само формативен карактер со што ќе се бараат слабостите во образовниот систем и изготвување стратегии за негово јакнење. Екстерното тестирање може да се реализира само на крајот од деветгодишното образование, како во најголем дел од другите образовни системи. Целосно да се ревидира начинот на создавање прашања за национален тест (екстерен) кој ќе ги исполнува научните законитости и ќе биде во согласност со насоките дадени од БРО со примена на Блумова таксономија за оценување по нивоа на знаење“, бараат од Наставнички пленум.

Тие се против оценките од екстерното тестирање. Според нив, тие не се валидни и не се веродостоен показател на знаењата. Исто така, тие бараат да се ревидира системот на професионален и кариерен развој на наставниците и да се исфрлат законските одредби кои го поврзуваат овој систем со резултатите од екстерното тестирање. Наставниците бараат и укинување на државната матура и воведување приемен испит на факултетите. Велат дека со ова ќе се избегнат бројни недоследности и нерамноправниот пристап кон матурантите во делот на задолжителни и изборни предмети како дел од државната матура.