Наставниците и средношколците денеска ќе маршираат во Куманово

Наставничкиот и Средношколскиот пленум од Куманово за утре напладне (17 април) најавуваат голем протестен марш. Маршот ќе почне од кумановскиот плоштад, кај фонтаната на Батко Ѓорѓија, по што учениците и наставниците ќе се упатат кон ресорната единица на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

„Сведоци сме, дека нашиот образовен систем, сериозно заостанува зад светските едукациски трендови. И во обид да се модернизира, секојдневно се соочува со големи проблеми и контрадикторности, поради недоволна анализа и прилагоденост кон досегашниот начин на работа.

Светот на младите останува, утре ние треба да продолжиме да го градиме младото македонско општество, за кое со векови се пролеваше крв. Зарем генерациите кои сега седат во училишните клупи не заслужуваат квалитетно образование, како нашите врсници од развиените земји. И ние сме млади ентузијасти, желни за можности да ги искажеме и развиваме нашите идеи и погледи на свет“, порачуваат двата пленума.

Оттаму посочуваат дека ова е прв заеднички чекор на наставниците и учениците и упатуваат јавна покана до сите граѓани да се приклучат и да ги поддржат во борбата за подобра иднина и образование.