Наставници од Куманово: Бараме оставка на досегашното раководство на регионалниот СОНК

Членови на регионалниот СОНК во Куманово упатија отворено писмо со кое побараа оставка на челниците на регионалниот СОНК. Тие велат дека во изминатиов период се манифестирале низа недоследности во работењето на СОНК.

„Пунктовите на кои сакаме да посочиме и заради кои бараме итно преиспитување на ставовите со епилог оставка на челниците на регионалниот СОНК се следниве:

1. Ако се земе предвид дека според ОПШТИ ОДРЕДБИ ОД СТАТУТОТ  НА СОНК,  Член 2

ВО ИЗРАЗУВАЊЕТО И ЗАШТИТУВАЊЕТО НА ИНТЕРЕСИТЕ, САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ, НАУКА И КУЛТУРА ПОАЃА ЕДИНСТВЕНО ОД ВОЛЈАТА НА СВОЕТО ЧЛЕНСТВО”

се поставува прашање зошто сите одлуки ги носи Советот на СОНК без консултација на членството. Имено, во текот на 2013-тата (во Едрене и Истанбул), 2014-тата (во Драч и Тирана), а 2015-тата (во Банско, каде челниците беа на “заслужен одмор” поради стресот предизвикан од штрајкот на просветните работници), сите посети подразбираа две ноќевања во хотел. Она што треба да се знае и заради кое се доведува во прашање вистинскиот интегритет на синдикалната организација, која треба да делува во интерес на работниците е фактот дека при сите три посети, претседателот и секретарот на регионалниот СОНК беа придружувани од своите сопруги, а беа присутни и лица кои не се претседатели – синдикалци од нашиот регион.

2. Ако се земе предвид дека веќе се најавува покачување на пензиите, а усогласувањето на платите кое беше договорено како услов за прекин на штрајкот никој не го спомнува, се поставува прашање зошто СОНК не дава информации дали работните групи реализираат средби со надлежните, до каде се и како течат преговорите, што се случи со договореното усогласување, што се случи со вметнувањето на клаузулата за укинување на наградите од екстерното тестирање во преговорите, на што се обврза г-динот Неделков. Штрајкот беше прекинат под одредени услови и членството со полно право и во револт прашува што се случува. Зошто нема проток на информации на релација СОНК – регионални синдикати-членство? Кој е одговорен за тоа?

Почитувани,

расне револтот на членството кое се чувствува изманипулирано и измамено, согледувајќи ги реалните состојби и игнорантскиот однос на организацијата која треба да ги застапува интересите на вработените, а не да ги става во втор план заради остварување на личните бенефити. Од тие причини, ова отворено писмо е реален израз на расположението и подразбира барање оставка на досегашното раководство на регионалниот СОНК, кој како организација не застана зад вработените. Време е за промени кои ќе подразберат етаблирање на СОНК како здрава и цврста организација на која вработените можат да се потпрат и во која ќе гледаат борец за нивните права“, стои во отвореното писмо.