Наставници ќе бојкотираат настава ако не добијат повисоки плати, МОН ја обвинува опозицијата за блокада на закон

Наставници од иницијативата Наставничкиот пленум соопштија дека упатиле писма до министерката Мила Царовска и до синдикатите СОНК и НСОН, за да најават бојкот на настава ако не добијат зголемување на платите на наставниците во основно и средно образование. Од Министерството за образование и наука пак обвинуваат дека опозицијата е таа што го блокира Законот за наставниците и стручните соработници, кој според МОН, ќе обезбеди континуиран раст на платите.

Наставниците велат дека се незадоволни од висината на основната плата и бараат покачување на платите во новата учебна 2021/2022 година.

„На ова барање се повикуваме како резултат на растот на цените на производите кои се користат во секојдневниот живот, како и на растот на просечната плата која е многу повисока од платите на вработените во образование. Во спротивно, ние наставниците од Наставнички пленум би биле приморани да се организираме и да го покажеме јавно незадоволството“, наведува Пленумот во барањето до Царовска.

Тие ја бараат поддршката од двата синдикати – СОНК (Синдикат за образование, наука и култура) и НСОН (Независен синдикат за образование и наука).

„Бараме од синдикатите да го подржат бојкотот на наставата кој го планираме од септември 2021. Сметаме дека синдикатите имаат најголема одговорност да ги штитат и унапредуваат правата на вработените и по тој повод очекуваме да нè поддржите во нашите барања и заложби“, наведуваат наставниците.

Од МОН пак велат дека пратениците повеќе од три месеци не ги гласаат законските измени со кои, како што велат, на наставниците и стручните соработници им се обезбедува континуиран раст на платите и подобар статус. Појаснуваат дека во законот стои клаузула со која правно се заштитува понатамошно девалвирање на платата на наставникот, односно за првпат платата на наставниот кадар се усогласува со минимална плата. Така, додаваат како ќе расте минималната плата, така ќе треба да растат и платите на наставниците.

„Потсетуваме дека со истите законски измени се уредува и сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досега да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација.  Воедно и сите 4.700 наставници и стручни соработници, кои во моментот се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување, доколку ги исполнуваат предвидените законски услови“, стои во соопштението на МОН.