Наставници и средношколци пред МОН: Во септември ќе се вратиме

Наставници, средношколци и нивните родители заедно маршираа денеска низ Скопје против лошите реформи во образованието. Неколку дена пред почетокот на екстерното тестирање, мирниот протест го организираше Наставничкиот пленум, со цел уште еднаш да се побара од надлежните во Министерството за образование и наука, да ги повлечат реформите со кои не се согласуваат голем број ученици и наставници. Во септември повторно ќе се вратиме, порачаа тие пред МОН.

„За два дена ни претстои екстерното тестирање за овие млади кои лежеа на дожд во кампот и се изборија за дел од своите барања. Без разлика што во МОН седат колеги кои можат екстерното, и законите за образование, да ги направат поквалитетно, не успеаја да ги направат подобри. Ако ги прашате дали имале дневник во раце, нема да знаат што да направат. Се додека нашите колеги од МОН и нас не не прашаат како се прави квалитетно образование, ќе не има на улица“, истакна пред МОН  наставникот Владо Димовски од Наставнички пленум.

Наставниците, поддржани од учениците од Средношколскиот пленум маршираа од катната гаража кај Урбан парк, преку улица Македонија, па до МОН. „Не, за екстерно“, „Нема правда, неам мир“, беа само дел од паролите што се скандираа за време на маршот. Пред Министерството тие со аплауз ги поздравија полицајците поради тоа што се грижеа за безбедноста на средношколците кои со денови кампуваа пред МОН, револтирани од игнорантскиот однос на надлежните кон нив.

„Оваа зграда и во работен ден е мртва. Оваа институција постои со цел да му служи на народот, а не да гледаат од позиција на моќ. Тоа нема да го дозволиме. Овогодишниот игнорантски однос ја помина точката на трпеливост. Наместо контра-аргументи, ние добивме манипулации и етикетирање. Тоа не смее да се дозволи“, рече професорката Жана Живадиновиќ која им порача на сите дека треба да издржат во борбата и им се заблагодари на учениците што ги разбудија своите наставници.

Од Средношколскиот пленум пак од МОН побараа подобро образование.

„Долги години си играа со нашите чувства. Им докажавме дека сме будни. Од септември повторно на улица додека не се преземе нешто“, порача матурантот Александар Милески.

Маршот заврши во паркот спроти МОН, со евоцирање на спомените на местото каде до пред само две седмици, петнаесетина дена под отворено небо кампуваа стотици средношколци. Тие бараа враќање на стариот концепт на полагање државна матура и ставање во мирување на екстерното тестирање.