Наставничкиот пленум се откажува од покачувањето плата од 5% за наставниците

Наставничкиот пленум изрази незадоволство од најавите за зголемување на платите на наставниците за 5 % објавени во Предлог-буџетот за 2018 година. Во своето образложение од пленумот посочуваат платите на просветните работници во Македонија се меѓу најниските во регионот, а наставниците, за разлика од административците, не добиваат цел куп поволности.

„Наставниците не добиваат надоместоци за својата прекувремена работа која неретко се одвива и за време на викенд, па оттука највеното зголемување за 5 % ниту ќе придонесе за поголема мотивираност на наставниците, а со тоа и подобрување на квалитетот на наставниот процес, ниту суштински ќе го подобри животниот стандард на таргетираните“, се наведува во соопштението на пленумот.

Тие прават споредба со административците за кои посочуваат дека добиваат месечен надомест за патни трошоци кој може да достигне астрономски суми, додека овие трошоци од 2010 година се вкалкулирани во бруто платата на просветните работници. Со ова сметаат дека се дискриминирани во поглед на реалните примања.

„Наставничкиот пленум очекува соодветен третман од страна на Владата при распределбата на средствата од буџетот и реално зголемување на платите во овој сектор, како и објаснување зошто не се спроведуваат членовите 35, 36 и 37 од Колективниот договор потпишан на 2 декември, 2008 и изменетиот договор од 28 ноември, 2009 г. Доколку буџетот е празен, советуваме мерките за штедење да се остварат преку редукција на гломазната администрација во сектори каде реално нема потреба од толкав број административци, а не преку грбот на секторот образование каде училиштата сѐ уште сe соочуваат со недостаток на стручни кадри: педагози, психолози, дефектолози и други стручни лица. Во спротивно, оваа најава ќе ја сметаме за навредлива и популистичка мерка на Владата на РМ со која се обидува да се дотолчи и онака прегазеното достоинство на просветните работници во земјава“, се наведува во соопштението.

Оттука, заклучуваат, во знак на солидарност, доколку во Буџетот нема средства за соодветно вреднување на трудот на наставниците, ќе откажат од покачувањето од 5% и предлагаат тие средства да се насочат кон реални социјални програми. Истовремено бараат и другите корисници на буџетските средства да го следат овој пример.