Наставнички пленум: Проблемите со електронските системи и оваа година се одолговлекуваат

Наставнички пленум преку отворено писмо се обрати до надлежните институции со цел да укаже на реалните потешкотии околу функционирањето на електронските системи за раководење со наставата.

Наставниците велат дека се револтирани од игнорантскиот однос на кој наишле кога се обиделе да ги нагласат недостатоците на електронските системи. Поради тоа, во сублимирано обраќање, кое Радио МОФ интегрално го пренесува, се наведени сите нивни согледувања и потешкотии со кои се соочиле при работењето со ЕМИС и ХРМ базата, со е-дневникот, како и за статусот на училишните администратори задолжени за работа во овој систем.

„Кога е ЕМИС и ХРМ базата во прашање:

  1. и оваа учебна година, стартувањето на ЕМИС и ХРМ базата, чиешто ажурирање е услов за функционирањето на електронскиот дневник се случи на почетокот на месец октомври, наместо како што би требало да биде, на крајот на август или барем на почетокот на септември, за да можат училишните администратори благовремено да ја оспособат за употреба. После тоа непречено би следувало внесувањето на сите задолжителни содржини од страна на класните раководители и наставниците, кои наместо редовното внесување на податоци, постојано се ставаат во ситуација да ја внесуваат сета евиденција наеднаш, со недели наназад.
  2. и оваа учебна година, стартувањето на ЕМИС и ХРМ базата е проследено со тешкотии и во техничка смисла, што уште еднаш укажува на реалната неодржливост на вака комлексен систем и оптоварувањето на администраторите со зафати кои веќе ги превзеле. Станува збор за фактот дека во сите училишта, веќе внесените наставници од ХРМ во ЕМИС кои досега биле таму, сега веќе не беа и администраторите мораа повторно да ги внесуваат, што подразбира дуплирање на обврските и непотребно губење време. Исто така, овој факт е надополнет и со тоа дека во одредени училишта не беа префрлени ни учениците по паралелки креирани минатата учебна година, кои како такви се префрлуваат, што досега беше пракса, а што значи дека беа повторно внесувани.
  3. и оваа учебна година, ЕМИС и ХРМ базата во голем број на училишта подразбира нецелосно префрлени наставни програми, што значи дека училишните администратори се со врзани раце бидејќи без нив не може да биде направено поврзувањето со наставниците, предметите и класовите во кои предаваат. Упатени се безброј мејл пораки до надлежните, на кои не е добиен одговор, остварени се бројни телефонски разговори кои завршувале со прогласување на ненадлежност за посочениот проблем

Ако се изземат овие реални и се уште опстојувачки проблеми и ако се фокусираме конелектронскиот дневник, кој и покрај се, се смета дека профункционирал, би се задржале на неколку важни подаспекти. Имено, како и досегашните години, сведочиме на наметнувањето на внесот во е-дневникот и покрај тоа што не се сочувуваат внесените податоци, не се појавува веќе внесениот распоред од страна на класните раководители, не е овозможен непречен и брз влез во системот и сите наставници како и досега, се позиционирани пред монитор со часови, во глуво доба во безуспешни и очајни обиди да ја завршат својата обврска. До кога ќе ги изложувате наставниците на вакви малтретирања и од нив ќе барате завршување на задачи кои се невозможна мисија не по нивна вина?

Кога е е-дневникот во прашање, би сакале исто така да се задржиме и на еден многу важен факт. Имено, до минатата недела се уште беше видлив е-дневникот од ланската учебна година. Пред некое време, училишниот администратор доби насока да изврши увид во внесувањето на оценките по сите години, класови и предмети, со цел да напише извештај за тоа кои наставници ги немаат внесено годишните оценки по своите предмети. Во оваа прилика, би сакале да нагласиме дека како наставници кои би требало да се столбот на секое општество, затоа што продуцираме ум неопходен за сите сфери, сме длабоко професионално навредени и поради тоа укажуваме дека:

  1. Благо кажано, навистина е професионално несоодветно да се прават вакви проверки ако се знае дека наставниците, соочени со закани и казни за евентуално неработење во е-дневникот многу сериозно ја завршиле таа обврска и дека е мал бројот на наставниците кои тоа не го сториле. Исто така, надлежните имаат комплетен увид во електронските дневници, можат во секое време да проверат кој наставник не ја завршил својата обврска и тоа не би требало да биде задача на училишните администратори. Во овој контекст е и фактот дека внесот на оценките од екстерното тестирање, што е ваша обврска, не беше направен до пред една недела, што сосема оправдано го наметнува прашањето дали правилата и роковите важат само за оние кои се извршители, а не и за оние кои ги создаваат и наметнуваат.
  2. Состојбата да биде уште поапсурдна, инспекторатот надлежен за следење на извршувањето на оваа задача излезе со став дека сите наставници кај кои е утврден недостаток на оценка, која и покрај продолжениот рок не била внесена, треба да бидат казнети. Така може да се случи, што и се случува на терен, за жал, одреден број на наставници да добијат писмени опомени од раководниот орган во училиштето, кои влегуваат во нивното професионално досие, а за поголем број на невнесени оценки, можни се и парични казни. Парадокстот да биде уште поголем, на сајтот на електронкиот дневник на 23.09.2015-та година стои дека внесувањето на оценки за учебната 2014/2015 година е повторно овозможено, со рок за внес на оценки заклучно со 14-ти октомври (среда). Се поставува прашање зошто се прави увид од ДПИ врзан со внесот на оценки и директорите се задолжуваат да ги санкционираат “неодговорните” наставници ако рокот за внес на оценка која евентуално недостасува, се уште трае? Се работи ли за некоординација меѓу надлежните институции, или за употреба на уште една алатка за дисциплинирање на наставниците?

Кога е пак статусот на училишните администратори во прашање, би сакале да го завршиме ова обраќање до Вас и со неколку многу важни аспекти. Имено, како што сигурно најдобро знаете, ажурирањето на вака сложен електронски систем е сериозна обврска која бара многу време, знаење, трпение и посветеност. Ако се земе предвид дека низ сите училишта во земјава оваа обрска ја извршуваат наставници кои имаат часови и се вклучени во редовната настава, сметаме дека навистина е крајно време да се размисли за решавање на статусот на училишните администратори. Тие работат во базата практично цела година, затоа што е жива и отворена и постојано се ажурира, а да не зборуваме за маките при нејзиното оспособување за работа. Од тие причини укажуваме на оправданите барања од нивна страна конечно да се реши нивниот статус и како законска формулација да се дефинира бенефицијата која би ја имале – ако не како материјален надомест, тогаш како намалување на фондот на часови, затоа што ажурирањето на стотици наставници и ученици во секој момент, а и оптоварувањето и со обврски кои по никој основ не би требало да се задача на администраторите (проверка на внесени оценки на сите наставници, на пример) сепак е многу голема, опфатна и сериозна задача.

Обраќањето до Вас го завршуваме со ставот дека како наставници бараме сериозно разгледување на нашите апели, затоа што имате работа со професионалци кои ја знаат и сакаат својата работа и со сите сили се борат и ќе се борат и понатаму да ја зачуваат достоинствената боја која мора да се подразбере во оваа професија“, стои во отвореното писмо.