Наставнички пленум поднесе иницијатива пред Уставен суд за екстерното тестирање

Уставноста на екстерното тестирање ќе биде разгледувана од Уставниот суд, на иницијатива на околу 1000 наставници. Наставничкиот пленум денеска ја поднесе иницијативата со која ги оспорува членовите од Законот за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното оценување.

Од Пленумот велат иницијативата e против низа нелогичности кои се појавиле при спроведувањето на екстерното тестирање, како на пример впишување на единица од тестот во сведителството, казните и несоодветниот третман кон кадарот при оценувањето.

„Се надеваме дека иницијативата ќе биде сериозно разгледана, особено од оние кои се повикани да ја преиспитаат уставноста на екстерното тестирање. Очекуваме да се разгледаат пропустите во тој модел на тестирање, особено во однос на навредувањето на напорите и знаењата на учениците, како и на работата на наставниците. Се надеваме дека во најмала рака екстерното ќе се стави во мирување додека да се донесе подобро решение“, изјави Билјана Димковска од Наставничкиот пленум за Радио МОФ.

Според министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, иницијатативата на пленумот е легитимна. Тој смета дека секој граѓанин има право да поднесе претставка.

„Од моментот кога се воведе екстерното оценување, имаше реакции, односно имаше про и контра. Се разбира, наставниците, професорите и другите кои оттогаш беа контра, голем дел од нив продолжија да го негираат, односно да бидат против екстерното оценување“, изјави Адеми.

Укинувањето или ревидирањето на сегашниот модел на екстерно оценување е барање и на Средношколскиот пленум. Средношколците минатата година организираа протести, како и кампување пред Министерството за образование и наука, бојкотирајќи ја наставата. Меѓутоа, Владата не се откажа од екстерното тестирање како реформа која ја има веќе шест години во образованието.

Претставници на Средношколскиот пленум вчера се сретнаа со пратеници, предлагачи на измените во Законот за средно и Законот за основно образование со кои бараат укинување на екстерното тестирање. На средбата, тие ги презентирале своите ставови, барања и аргументацијата зошто се против ваквиот начин на тестирање.

Од Пленумот велат дека и понатаму се отворени за средби со останатите пратенички групи и претставници на Министерството за образование и наука, воедно најавија дека ќе продолжи борбата за подобро образование.