Наставнички пленум: Очекувавме поддршка од СОНК, добивме напад

Наставници од повеќе градови денеска одржаа протест пред Министерството за образование против, како што велат, лошите реформи во основното и средното образование. Непосредно по протестот на Наставнички пленум, се јави Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој укажа дека е потребно да се деполитизира образованието, односно да се оттргнат политичките партии од него.

„На споменатиот протест без никаков аргумент и со јасна намера во негативен контекст е нападната и неодамнешната Спогодба помеѓу СОНК и МОН. Го отфрламе обидот за дневно-политички поени и остануваме цврсто на ставот дека Спогодбата во целост ќе биде применета. Спогодбата е резултат на сложени и сериозни преговори помеѓу СОНК и МОН, а врз основа на барања прифатени од најголемиот дел од огромното членство на СОНК. На крајот ја изразуваме нашата цврста одлучност дека сите обиди за разбивање на СОНК, од страна на која било политичка партија, нема да успеат“, се вели во соопштението на СОНК.

По СОНК, реагираше и Наставнички пленум кој изјави дека е вчудоневиден од „незрелата и избрзана реакција“. Воедно, ги одбија обвинувањата на СОНК дека денешниот протест е партиски организиран.

„Наставничкиот пленум најостро го осудува обидот за етикетирање од страна на СОНК денешниот протест да се обои партиски. Потсетуваме дека голем дел од членовите на НП се и членови на СОНК и раководството не смее да си дозволи со паушални соопштенија да атакува врз сопственото членство. Исто така, потсетуваме дека техниката со која во моментов се служи раководството на СОНК најмногу наликува на тактика која партиите ја користат во секојдневното препукување во недостиг на аргументи и конструктивна дебата и затоа апелираме наместо да заокружуваат да се посветат на подобрување на условите за работа на наставниците и учениците и да го прифатат нашиот став и мислење, што е одлика на едно демократско општество, пишува во соопштението на Наставнички пленум.

Пленумот побара анализa од СОНК со цел да ја разгледаат сите наставници и ученици. Наставниците велат дека ако анализата е добра ќе ја поддржат и ќе се залагаат за поквалитетно образование. Тие велат дека не бараа ничии оставки, туку сакаат да му помогнат на министерот како просветен кадар да ги согледа лошите решенија во Законите за основно и средно образование со цел да изготви поквалитетни закони за поквалитетно образование.

Наставничкиот пленум соопшти дека е расположен да излезе на заедничка дебата, воедно ги повика членовите на СОНК да не бегаат, туку заеднички да ги разгледаат проблемите во образованието.