Наставнички пленум: И казните и наградите од екстерното се бесмислени

„Ако наставата е едно големо патување, трагање и себенаоѓање, ако сме рекле не за сите закони во образовниот систем кои не можат да го измерат тоа патување, ако знаеме дека екстерните тестови се знак на ограничување на еден бескрај, тогаш зошто казни и зошто награди? Нити казните имаат смисла, нити наградите имаат тежина. Се совпаднале или не оцените на наставникот со тие од екстерниот тест, во однос на сите други стратегии за предавање и учење е сосема ирелевантно. Тој тест не може да издржи ни најмала научна критика и според тоа нема никаква основа да постои“, се вели во реакцијата на Наставничкиот пленум по вчерашната прес конференција на која СОНК и МОН соопштија дека е постигнат договор според кој нема да има парични казни за наставниците со лоши резултати од екстерното оценување, туку само награди за најдобрите.

Наставнички пленум ги повика сите наставници да се откажат од наградите за , како што велат, да се зачува дигнитетот на професијата.

„Станува јасно дека и казните и наградите се само инструмент за негацијата на еден долгорочен, тежок и благороден процес. Да се потцени професионализмот, да се оцени подобноста во тој професионализам преку екстерен тест кој не е знаење, туку еден вид руски рулет, еден вид лотарија, значи навредување и потценување на професијата. Според тоа, и казните и наградите се бесмислени. Образованието во основа треба да биде иницијативниот чин на секој напредок во општество и никако чин на сегрегација на наставниците по пат на совпаѓање на годишните оцени со оние на тестот“, се додава во реакцијата на Наставнички пленум објавена синоќа на Фејсбук профилот на групата.