Наставнички пленум: Екстерно тестирање четирипати годишно е уште една лоша идеја

По повод денешното соопштение на претседателот на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, поврзано со екстерното тестирање, Наставничкиот пленум смета дека екстерното тестирање кое би се изведувало четирипати годишно, при што наставникот нема да оценува, е само уште една лоша реформа која ќе го влоши квалитетот во образованието.

„Иако навидум изгледа привлечно затоа што би можело да ги елеминира притисоците за оценки врз наставниците, ваквиот начин на оценување е спротивен на сите психолошки, педагошки и методолошки начини на работа и оценување.

Се прашуваме дали господинот Неделков толку брзо ја заборавил својата работа како наставник или дејствува во улога на портпарол на Министерството. Би сакале да одговори на следниве прашања:

Како екстерното оценување ќе ги оцени повисоките нивоа на знаења од Блумовата таксономија?
Во која друга земја компјутерите пишуваат оценки?
Што е со часовите изгубени во времето кога трае тестот?
Кој ќе пишува оценка по физичко, музичко и ликовно?
Дали ќе организираат „недела на тестирање“ слично на колоквиумска недела?
Дали во таа една недела учениците ќе полагаат десет теста (бидејќи ние нема да оценуваме секој ученик мора да полага екстерно по сите предмети)?
Како наставникот да остане авторитет за своите ученици?
Што е со редовноста, дисиплината, заинтересираноста, упорноста, одговорноста, што е со воспитните цели?
Кој ќе состави толку прашања? После некоја година ќе ги вртите истите прашања?
Што е со слабите сервери? Како ќе се справите со стресот на учениците кога системот ќе падне?
Дали Земјата ќе престанува да се врти четирипати годишно?
Наместо да се занимава со прашања што не се во негов домен, би сакале да видиме г-дин Неделков да застане на страната на оние кои го плаќаат и да се позанимава со условите за работа и со платата на просветен работник. Воедно сакаме да прашаме дали и оваа година нема да има дрва и мазут на почетокот на грејната сезона, дали повторно наставниците и учениците ќе мрзнат и ќе настинуваат во училниците?“, прашуваат од Наставничкиот пленум.

Инаку, денеска пратениците во Собранието на Република Македонија расправаа по предлогот на опозицијата да се укине екстерното тестирање за сите ученици. Додека пратениците на СДСМ објаснуваа дека екстерното тестирање не го мери знаењето на учениците и претставува концепт воведен со цел да се стават наставниците под притисок на власта, пратениците од владејачката коалиција го бранеа тестирањето како нужен дел од образовниот процес. Расправата продолжува утре во 11:00 часот.