Наставнички пленум: Државната матура не нуди поквалитетната и поправедна селекција

Наставничкиот пленум објави листа на причини поради кои, според наставниците, концептот на Државна матура не нуди поквалитетната и поправедна селекција при влез во високото образование:

Според Концепцијата за Државна матура во четиригодишното средно образование таа има за цел:

– подигање на општото ниво на знаења, умеења и способности кај учениците;
– следење и контрола на реализацијата на наставните програми;
– заокружување на образованието со испит и стекнување диплома за завршено средно образование;
– поквалитетна и поправедна селекција при влезот во високото образование;
– информирање на учениците, родителите и образовните институции за постигањата на учениците добиени по пат на валидни и веродостојни мерења.

Коцептот за државна матура вклучува три задолжителни екстерни предмети за учениците од сите три вида на средно четиригодишно образование, изборни предмети и проектни активности. За учениците од гимназиско и средно стручно образование кои опфаќаат околу 99 % од вкупниот број на матуранти, задолжителни предмети се мајчин јазик, странски јазик и математика. За учениците од средното уметничко образование, наместо математика задолжителен предмет е историја. Причината за тоа е што според наставните планови за овој вид на образование, предметот математика воопшто не се изучува.

Интересна и привлечна замисла, но промашување во нејзината реализација. Неколку факти од практичната примена на оваа теоретска замисла потребно е да се преиспитаат и серизно да се пристапи кон размислување за нејзино целосно укинување, а поквалитетната и поправедна селекција при влезот во високото образование да им се препушти на факултетите:

Државната матура во Европските земји е така конципирана што сооддејстува со општествените потреби и обележја, што не е случај со нашата која е мешавина од повеќе пример-модели. Секој образовен систем треба да се гради согласно општештвото, неговите потреби, услови, пазар на труд…

Положената државна матура во европските држави на учениците им овозможува влез на факултет во секоја европска, па и светска високо образовна институција. Македонската државна матура никаде во светот не е призната. Секој ученик кој сака да се запише на било кој светски универзитет мора да помине уште една „голгота“ на филтри и испити. Така сите оние кои сакаат да студираат во странство можат да полагаат меѓународна матура (која ја има и во некои наши државни и приватни училишта). Тогаш кому му е потребна државната матура!?

Дополнително оптоварување за учениците кои се запишуваат на „атрактивните“ факултети и покрај положената државна матура (поради високата конкуренција) се принудени да полагаат приемен испит на самиот факултет кој ќе биде пресуден филтер за селскција и влез на тој факултет.

Уште поголем проблем создаваат некои факултети кои уписите ги спроведуваат (конкурс и упис) пред реализацијата на државна матура – не се чека ни испитот ни резултатите од истиот. Ученикот плаќа и се запишува, без разлика дали ќе ја положи или не државната матура.

Кога сме кај следењето и контролата на реализацијата на наставните програми, забораваат повеќе факти од теренот и БРО.

Мајчиниот јазик мора секој добро да го познава, токму поради придавката „мајчин“. Во гимназиското образование се изучува со 4 часа неделен фонд од I – IV година, а во средното стручно и средно уметничко образование е застапен со 3 часа неделен фонд – нерамноправност. Иако е направен некој пресек, сепак гимназиските ученици се во многу поголема предност поради подлабинската разработка на наставните содржини, заради поголемиот фонд на часови.

Понекогаш прашањата се толку нејасни и конфузни што создаваат сомнеж во нивните креатори. Како илустрација ќе наведам едно: „Кој е единствениот лик во развој во драмата „Македонска крвава драма“ – „Цвета“. Оние кои предаваат македонски јазик и литература ќе ја сфатат нелогичноста на ова прашање.

Високата прогностичка вредност се коси со самиот факт што во целата тест-книшка (освен во делот пишување) не се оценува јазикот кој „ мора секој добро да го познава, токму поради придавката „мајчин““ – како што е наведено во концепцијата. Уште поголема контрадикторност се најновите промени според кои дури и во делот пишување намалени се поените за јазик и композиција – од вкупно 13 поени, само 2 одат на јазик, 2 на композиција и 9 на содржина. Со ваквиот начин на оценување се добива нереална слика за стекнатите знаења/незнаења на учениците стекнати во нивното повеќегодишно изучување на мајчиниот јазик. Најголеми губитници тука се одличните, вредни, креативни ученици кои се доведуваат во рамноправна ситуација со слабите и „мрзливи“ ученици. Како резултат на ова во реалноста се случува доволен ученик да добие иста оценка на испитот со одличен ученик (кој четири години имал заслужен и докажан успех 5,00). Од друга страна, високата оценка (од матурата) кај слабите ученици го качува нивниот просек и стануваат конкурентни за влез на факултет со одличните ученици. Каде е тука валидноста и веродостојноста на мерењата која треба да биде информација за учениците, родителите и образовните институции за постигањата на учениците!?

Математиката, пак, по ова прашање се чини е „јаготка на шлагот“ од пропустите во концепцијата и промените. Таа во гимназиското образование се изучува со најмалку 3 часа неделен фонд I – IV година, а во средното стручно образование математиката е исто така застапена, но со различен фонд на часови во пооделните струки. А кој е тој фонд? Како илустрација, во наставната програма за правна насока математиката е застапена само во прва и втора година; во економска насока – во прва и втора година има математика, а во трета и четврта математика за економисти. Друго прашање е кои се содржините и колку тие се разликуваат од гимназиските, во наставните програми!?

Уште едне нелогичен предлог, кој го промовираше МОН, е учениците кои ја изучуваат математиката само две години, дел од испитот ДРЖАВНА МАТУРА – МАТЕМАТИКА да го полагаат на крајот на втора година!? Каква државна матура е таа што ја полага ученик со завршена втора година!?

Надлежните институции воведувањето на математиката како задолжителен предмет го објаснуваат со Потреба од кадри. „Во нашата држава постои суфицит на кадри од областа на општествените науки. Сеуште голем број на кандидати „бегајќи“ од математика, се запишуваат на општествени науки. Бројот на заинтересирани кандидати за технички науки веќе подолго време е мал. Поради тоа, во последно време се прават напори поголем број млади да се мотивираат за студирање на технички науки, што не би било можно без математика.“ Јас би рекла „со сила убавина не бидува“. Како ќе го мотивирате ученикот кој МОРА да се запише и да заврши средно (бидејќи е задолжително и се казнува со закон ако не се почитува) да учи (а не сака), па уште и математика, за која сите знаеме дека е заснована на логичко размислување, анализа, синтеза, апстрахирање и воопштување. „Математиката е кралица на науките“ – Јохан Карл Фридрих Гаус, но и не за секого.

Целиот текст прочитајте го на веб-страницата на Наставничкиот пленум.