Настава со физичко присуство ќе може да се организира секаде каде се исполнуваат условите

Независно од возраста и одделението на учениците и без разлика на тоа дали се работи за основни и средни училишта, постои опција наставата да се одвива со физичко присуство, секаде каде просторните услови во училиштето го дозволуваат тоа, но е и во согласност со условите кои се пропишани во протоколот, како и епидемиолошката состојба во општината, соопшти на денешната прес-конференција новата министерка за образование Мила Царовска.

Ваквата опција се состои во Планот за започнување на учебната 2020/2021 година во кој се нуди модел на комбинирана настава, кој денеска го донесе владата, од каде формираа и комисија која ќе ја следи состојбата. Исто така, комисијата, како што посочи Царовска,  ќе дава мислења и предлози во однос на тоа дали одредено училиште ги исполнува условите за да започне настава со физичко присуство или нивното барање да се одбие.

„Планот на МОН за започнување на учебната 20/21 година се базира на потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, наставниците и вработените во училиштата и пошироката заедница, а воедно да не дојде до ширење на Ковид-19 во нашата држава. Имајќи во предвид дека едно од основните човекови права, покрај образованието е и правото на здравјето, овој план ги објаснува сите чекори кои треба да ги преземат основните и средните училишта за да ги обезбедат посебните мерки за заштита и со тоа да го намалат ризикот од ширење на Ковид-19. Ги повикувам општините, директорите на училиштата, наставниците внимателно да ги разгледаат и да ги информираат родителите и децата за истиот“, потенцираше Царовска.

Со планот, Царовска посочи дека на општините и училиштата им се дава можност да организираат онлајн настава во училиштата каде не се исполнети условите предвидени со протоколите за физичко присуство на учениците во училиштата.

„За успешна реализација на учењето на далечина, забрзано се работи на воспоставување на единствена национална онлајн платформа која ќе ја презентираме на јавноста многу скоро“, додаде Царовска.

Според министерката, многу е важно децата од прво до трето одделение наставата да ја следат со физичко присуство, со максимално искористување на, како што рече, просторните и кадровските капацитети во училиштата и со задолжителна примена на сите заштитни и епидемиолошки мерки утврдени со протоколите и во согласност со родителите и старителите на учениците.

„Но, исто така даваме и право за избор на следење на наставата од далечина и за овие деца, за што со писмена изјава ќе треба да се изјасни родителот. За учениците чии родители или старатели поднеле изјава до училиштето за следење на настава на учениците на далечина, училиштето мора да им организира учење на далечина на тие ученици“, посочи Царовска.

Во паралелките каде има ученици кои следат настава на далечина, како што посочи министерката, наставникот, меѓудругото може, согласно неговите услови, можности и специфичности во рамки на одреден наставен предмет, може за време на одржување на часот да ги вклучи учениците кои следат настава на далечина

„Да го сними реализираниот наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина, да изготви печатени материјали кои ќе ги преземат родителите во соработка со наставникот или класниот раководител или одреден образовен асистент. Или да одржи час само за учениците кои што следат настава од далечина“, додаде Царовска.

Во планот на владата е предвидена проверка и валидација на знаењето на учениците со физичко присуство во училиштата, за што Бирото за развој на образованието изготвува план и начин за тоа како ќе се спроведува.

„За училиштата кои ќе организираат настава на далечина, наставниците ќе треба да бидат присутни во училницата во училиштето и предавањата да ги организираат на националната платформа, исклучок се само наставниците со хронични и ретки болести кои ќе треба да поднесат барање до директорот за давање на дозвола за држење на онлајн настава во нивниот дом“, рече Царовска.

Министерката посочи дека директорите на училиштата се грижат за целосната покриеност со интернет конекција во сите училници, а во случај да нема добра интернет конекција, наставниот час ќе може да се одржува и од дома, по добиена согласност од директорот, само доколку нема услови тој интернет да се обезбеди во училиштето во сите училници.

За учениците кои немаат уреди за следење настава на далечина или немаат интернет, училиштето организира настава со физичко присуство во училиштето, во согласност со родителите и старателите.

„Доколку родителот не се согласува наставата да се случува со физичко присуство, тогаш училиштето изготвува печатени материјали кои ги преземаат родителите во соработка со наставникот, класниот раководител или образованиот асистент. Покрај ова, во интерес на децата, училиштето во договор со родителите договара најбезбеден начин за давање и преземање на учебните материјали, домашните задачи и други училишни обврски на учениците“, изјави Царовска.

Во планот се овозможува учениците со попреченост во паралелките од прво до трето оддделение да бидат вклучени во настава во училиште и да им се обезбеди поддршка од страна на наставниците и стручните соработници, односно инклузивен тим, рече Царовска, додавајќи дека сепак родителите и старателите на учениците со попреченост имаат право да одлучат дали нивните деца ќе следат настава со физичко присуство или ќе учат од далечина.

„Учениците со попреченост кои имаат поддршка од образовен или личен асистент продолжуваат со поддршката на образовниот процес на учениците во училиште, или во самиот дом на ученикот и треба да бидат во постојана комуникација и координација со инклузивниот тим“, изјави Царовска.

Хроничните болни деца и децата со ретки болести наставата ќе ја следат исклучиво од далечина, а за тоа е потребно да имаат потврда од лекар дека нивната здравствена состојба не дозволува следење на наставата со физичко присуство.

Меѓудругото, Царовска посочи и дека во планот на владата се овозможуваат и посебни протоколи за следење на стручната настава со физичко присуство во средните училишта или во компаниите, доколку се спроведува дуално образование, под посебни пропишани протоколи.

Претходната недела, Унијата на средношколци организираше протестен марш од МОН до владата од каде порачаа дека ќе ја бојкотираат наставата доколку не се донесе одлука за комбинирана настава.

„Или донесете одлука за комбинирана настава, или се гледаме со бојкоти“ – средношколци седнаа пред Владата

М.К.