Настапот на „Англес 8“ го затвора 34. Скопски џез-фестивал

Со концерт на осумчлениот шведски бенд „Англес 8“ кој свири современ џез како комбинација од разновидни музички влијанија, вечерва во МОБ завршува 34. Скопски џез-фестивал.

Пред „Англес 8“ настапува монтреалското дуо – Сара Нуфелд и Колин Стетсон, кои на виолина и саксофон создаваат богати и егзотични звуци.

„Англес 8“ е формиран во 2007 година од алт-саксофонистот Мартин Кихен како „Англес 6“. Со наслов „Every woman is a tree“ таа година групата реализира снимка за „Cleen Feed“ од својот втор концерт во Стокхолм. Следуваат уште две концертни изданија, период во кој на бендот му се приклучуваат уште тројца членови, двајца нови и еден кој го заменува Магнус Бро со што ансамблот прераснува во „Англес 8“.

Сара Нуфелд и Колин Стетсон ги комбинираат своите соло-пристапи на лесен, бескомпромисен начин во израз што потсетува на некои нивни минати дела, но истовремено е нов и возбудлив.

Годинашниот Џез фестивал почна во четвртокот со настапите на американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер и меѓународно реномираниот тромбонист од Италија Џанлука Петрела. Завчера на програмата беа германскиот пијанист Јоаким Кин, еден од најзначајните претставници на џез-авангардата, и триото на Авишаи Коен од Израел, кој е меѓу најголемите светски виртуози на контрабас.

Вчера, пак, публиката уживаше во музиката на американскиот композитор и пијанист Крег Тејборн и на неговиот сонародник – џез-пејачот и композитор Грегори Портер. Концертот беше целосно распродаден и се бараше билет повеќе. Посетителите имаа единствена можност да го слушнат иновативниот звук на Тејборн, кој во САД важи за „еден од визионерите на новиот музички бран“. Неговите соло- пијано импровизации не ја оставија рамнодушна публиката, која со бурни аплазуи го испрати од сцената и го пречека пејачот, Портер. Тој настапи со неговиот џез состав и пред присутните ги презентираше своите вокални способности, со кои го оправда епитетот – „најбараниот џез-пејач во светот“.

Полноќните термини во „Сити хол“ вчера и завчера беа резервирани за алт-саксофонистот и рапер Совето Кинч, претставник на британската џез и хипхоп-сцена, како и за џез-секстетот „Melt Yourself Down“.