Настап на студентите од Катедрата за балетска педагогија во МОБ

Вечерва во 20 часот, на малата сцена МОБ, ќе се прикаже програмата на студентите од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, од класата на професорката Искра Шукарова и катедрата за балетска педагогија.

На програмата за настапот е најавена изведба на етиди и танцови вежби кои студентите од прва до четврта година ги разработуваат низ текот на последниот семестар. Фокусот на програмата е да се совладаат техничките принципи на современиот танц. Проф. Шукарова се повикува на методите на теоретичарот Рудолф фон Лабан како основа за совладување на практичните принципи кои ги инегрираат просторните и динамичките композициски компоненти.

Притоа ќе настапат студентите Марија Ристеска, Бојана Христовска, Милена Гаврилова, Теодора Ежовска, Илијана Данилов, Ангела Богатинова, Христина Ангеловска, Ангела Костадиновска, Олга Серафимова, Марија Филиќ, Симона Митовска, Христина Наќевска, Сара Неделковска, Бојана Додевска, Леона Стојчевска.  Музиката е на Актрес, Јун Мијаке,  Хиден Оркестра и Најт Ловел.

Катедрата за балетска педагогија при ФМУ-УКИМ постои од 2010 година и има реализирано повеќе важни концертни програми каде учествуваат студентите од програмата за класичен и современ балет.