Презентација на современа танцова програма на студентите од ФМУ-УКИМ, од класата на вонредната професорка Искра Шукарова од Катедра за балетска педагогија, ќе се одржи утре на малата сцена на Македонската опера и балет.
Програмата ја сочинуваат етиди и танцови вежби кои студентите од прва до четврта година ги разработуваа низ текот на последниот семестар. Професорката Шукарова се повикува на методите на теоретичарот Рудолф фон Лабан како основа за совладување на практичните принципи кои ги интегрираат просторните и динамичките компоненти во кореографската структура.
За време на настанот за прв пат ќе биде покажана најновата кореографија, поточно работа во процес на Шукарова насловена „Чудна Шума“. Во неа учествуваат студентите: Јана Петровска, Теодора Ежовска, Христина Ангеловска, Бојан Мицев, Марија Ристеска и Олга Серафимова. Делото ги испитува животинските форми во релација со човечкото тело.
Како дел од програмата ќе биде прикажан и испитниот материјал на студентите од втора година по предметот Модерен танц на познатиот кореограф Игор Киров и неговиот асистент Елена Антонова Петровик, каде студентите изведуваат лични дела под менторство на Елена Антонова Петровик.
Настапот на студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје почнува во 19 часот, а влезот е слободен.