Настап на James Zabiela и Âme на „Грин бич фестивал“ во Охрид

Седмото издание на „Грин бич фестивал“ ќе се одржи на 30 и 31 јули, на плажата „Парк“ во Охрид, а веќе е потврден настапот на James Zabiela и Âme.

Првиот светски познат гостин кој го потврди својот настап на 30 јули е виртуoзот зад диџеј пултот и технички ненадминливиот англиски диџеј и продуцент James Zabiela. Вториот ден на фестивалот пак, во недела (31 јули) меѓу предводниците се запишуваат и Âме, најпопуларниот германски проект кој ги освои светските подиуми со својата неприкосновена музичка продукција.

Zabiela неуморно ги поместува границите на пуштањето музика со секој свој сет, а неговата приказна во електронската музичка сцена започнува во 2000 година, кога на натпреварот Bedroom Bedlam го освојува првото место користејќи го својот неприкосновен талент зад грамофоните. Неговата стручност и вештини зад пултот му овозможуваат блиска соработка со најпознатиот бренд во електронската музичка сцена Pioneer. Тој е нивно заштитно лице и ги тестира и презентира најновите технолошките достигнувања во диџејската опрема. Низ неговата густа агенда за 2016 година, која се простираше дури низ 5 континети од светот, успеавме да украдеме термин за да го донесеме ексклузивно на седмото издание на Green Beach Festival.

Проектот Âме асоцира на препознатливата хипнотизирачка мелодија на нивниот светски познат хит „Rej“. Kristian Beyer и Frank Wiedemann кои се дел од Âme се  уште неуморно ги редефинираат и поместуваат продукциските стандарди во музичката сцена. Нивниот пат во електронската музичка сцена започнува во 2001 година со изданијата на култниот лејбл Sonar Kollektiv. Во 2005 година ја основаат етикетата Innvervisions, каде што се фокусираат не само на продукцијата, туку и на издавањето на музика која е иста со нивната движечка филозофија.

Организаторите на „Грин бич фестивал“, Password Production и Octopussy Entertainment, најавуваат повеќе од 10 изведувачи за седмото издание кои наскоро ќе бидат објавени.