Настап на Green Velvet и Erick Morillo во Скопје, на 16 јуни

Љубителите на електронската музика, на 16 јуни на Скопско лизгалиште ги очекува целовечерниот настан SOUNDBOX кој за прв пат во Македонија претставува двајца познати диџеи од американската сцена, Green Velvet и Erick Morillo.

Ексцентричниот  Green Velvet е еден од водечките техно и хаус диџеи во светот познат по култните нумери „Flash“, „La La Land“, „Answering Machine“, но и бројни хитови кои го дефинираа техно жанрот. Херојот од денс музиката Erick Morillo пак е платинестиот добитник на престижни награди, основач на легендарната Subliminal Records и врвен светски промотор на сите стилови на хаус музиката.

Покрај нив, во листата на изведувачи за овој настан кој ќе трае повеќе од 6 часа, се диџеите Александар Мисковски и Маци Стојановиќ кои ќе го претстават звукот на домашната електронска сцена.

SOUNDBOX настанот во организација на Password Production и EEMM Group, ќе се одржи на 16 јуни на Скопско лизгалиште.

Green Velvet  зад себе има 6 студиски албуми, вклучувајќи го и последниот „Unity“ објавен минатата година како заедничко издание со Carl Craig. Тој се издвои од легендарната чикашка сцена уште со првите хаус синглови „Coffee Pot“ и „Brighter Days“, кои ги објави под името Cajmere. Музичкото алтер-его Green Velvet го добива подоцна поради сајберпанк изгледот кој го објаснува како влијание од David Bowie и психоделичниот фанк состав Sly and the Family Stone. Но, повеќе од имиџот, она што ексцентричниот Velvet го издвојува од остатокот на диџеј сцената е користењето на сопствениот вокал во наративен манир и со автентични стории кои ја надополнуваат неговата музика. Во 2013 година тој беше на првото место на листата на најпродавани електронски изданија со неговиот албум „Unshakable“, а покрај тоа признание, хит-синглот „Bigger Than Prince“ стана еден од најголемите електро-хитови годината и беше официјално највртениот сингл за време на престижниот „Amsterdam Dance Event“ – најголемиот собир на светската електронска сцена во Европа.

Erick Morillo, повеќе од една деценија важи за еден од најбараните и најпрепознатливите диџеи во светот, со ремикси за многу големи имиња, од Whitney Houston до Basement Jaxx, од Sneaker Pimps до Macy Gray. Тој ги освои врвовите на светските топ-листи и оствари платинеста продажба како продуцент на хитот „I Like To Move It“ на Reel 2 Real, а е добитник на разни престижни награди како оние за најдобар хаус диџеј во 1999 и 2001 година и најдобар светски диџеј во 2002 година на „Pacha Ibiza Awards“. Во 1997 тој ја оформи денес легендарната етикета „Subliminal Records“.