Наскоро ќе стартува LetsFundIt.mk, прв македонски сервис сличен на Kickstarter

LetsFundit.mk e прв македонски краудфандинг (crowdfunding) сервис, кој ќе функционира слично на познатите Kickstarter или Indiegogo, со тоа што ќе се фокусира на локални проекти. Сервисот ќе биде претставен на 25 јануари, пишува It.com.mk.

Македонските корисници ќе можат да инвестираат пари во разни локални проекти кои им се допаѓаат, предложени од македонски претприемачи и иноватори, со што ќе можат да го поддржат и мотивираат локалното претприемништво. Како и со другите вакви сервиси, кои во светот стануваат се попопуларни, доколку проектите не се реализираат, на корисниците ќе им бидат вратени парите.

LetsFundit.mk беше еден од 50-те победнички стартапи на Engagement Innovation Fundsнатпревар на Стејт департментот на кој учествуваа над 600 проекти од 180 земји. Зад сервисот стои USA Summer Work & Travel Alumni Macedonia (SWT Алумни), непрофитна организација на студенти основана по иницијатива на американскиот Стејт департмент, прва од ваков вид во светот. Целта на организацијата е да им се понуди на младите можност да ги развијат своите вештини и знаења.

„Let’s fund it има за цел да постави нова димензија на претприемништвото во Македонија. Можеби се прашувате зошто е потребна краудфандинг платформа во Македонија, кога веќе постојат успешни сајтови од овој вид во светот. Одговорот е едноставен: мотивацијата на вложувачите е многу поголема кога ќе видат проект кој директно ги засега нив и нивното опкружување. Локалниот crowd-funding е поуспешен бидејќи ги обеднува луѓето да си помогнат едни на други, особено во мали средини како Македонија“, велат од организацијата.