Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје информираше дека во истрагата за насилните настани во македонското собрание од 27-ми април се вклучува и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи оцениле дека дел од преземените дејствија од страна на инволвираните лица се во надлежност на ова обвинителство.
„По разгледување на доказниот материјал, обвинителството утврди дека постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието во надворешниот појас и во внатрешноста на објектот во целина. Станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата, ниту пак на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторители“, соопштуваат од ОЈО – Скопје.
Тие информираат дека ги доставиле списите на предметот до ОЈО за гонеќе на организиран криминал и корупција, кое го презема натамошното постапување.
ОЈО – Скопје вели дека продолжува да постапува по однос на лица инволвирани во настанот, а чии што дејствија претставуваат извршување на кривично дело за кое е надлежно Основното јавно обвинителство Скопје.