Насилството меѓу младите последица на стравот, општествената неодговорност и наказнивоста

18-годишник заедно со уште едно лице седеле на маалска клупа во Ново Лисиче. Нешто по полноќ дошла група од неколку момчиња и започнала гласна расправија. 18-годишникот извадил нож и смртно ранил едно од момчињата. Убиениот малолетник имал 17 години.

Ова не е сцена од крими-филм. Настанот кој неодамна се случи во скопската населба уште еднаш го отвори прашањето за проблемот со насилство меѓу младите, но и прашањето: зошто млади носат ножеви по џебовите додека се шетаат низ градот во кој живеат?

Ана Попризова

„Дете кога носи оружје во ташна, во училиште, во населба… значи дека не се чувствува безбедно. Е, сега, друго прашање е зошто и како ние како општество функционираме децата да не ни се чувствуваат безбедно. Ова ќе го поврзам со целиот општествен контекст – ние како општество сме насилно општество и не може да имаме младина која не е насилна“, објаснува Ана Попризова, психологот од гимназијата „Орце Николов“.

Ана Битољану, едукаторката од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, пак, проблемот го лоцира на две места: во недовербата на младите во возрасните, за да разговараат за своите проблеми, и во неказнивоста на ваквите дела.

Ана Битољану

„Важно е возрасните, кои се наоѓаат меѓу младите кои носат оружје, да успеат да препознаат дека нешто се случува и дека истото се носи и се користи. Без оглед дали е страв, одбрана, потврда за моќ или демонстрација на сила… тоа е лесно достапно и некако го игнорираме фактот дека има сериозни последици. Се третира како незаконски, во училишта, во јавни простори, но истото не се санкционира и тоа е на извесен начин пресликување на целата општествена состојба – каде работите кои се прават се незаконски, ама нема санкции“, смета Битољану.

Овој проблем го потенцира и Сибел Амет, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која ги следи специфичните, кривични дела сторени од омраза. Насилството меѓу младите, вели таа, бележи постојан пораст.

Сибел Амет

„Најалармантно е зголемувањето на делата од омраза кои се случуваат поради етничка припадност, или на жртвата, или на сторителот, како и фактот што голем дел од сторителите и жртвите се млади лица. Злосторства од омраза се специфичен вид на кривични дела, бидејќи упатуваат порака на нетолеранција во едно општество. Тука е погодена и жртвата и заедницата на која припаѓа“, објаснува Сибел.

Експертите кои ги консултиравме нагласуваат дека фокусот мора да биде ставен на превенцијата. Незадоволни се од тоа како институциите му приоѓаат на проблемот.

Според психологот Попризова, неопходен е мултисекторски пристап, но треба да се тргне од училиштата.

„Ајде да направиме училишта кои ќе ја поддржуваат добросостојбата на децата, каде тие ќе се чувствуваат безбедно, сигурно, поддржано, а дури потоа ќе се занимаваме со наставните програми, наставните методи и капацитетите на наставниците. Не може да немаме стратегија за справување со насилство, последната заврши во 2015 година. Сите активности поврзани со превенција на насилство се на нивно на некакви проекти, кои сепак не се во формалниот систем. Проектот има почеток, траење и крај и активностите во училиштата се привремени.

За Битољану, покрај работа со децата во училиштата и апели до родителите, потребно е да се бараат и нови решенија.

„Би требало да се спроведе нешто како она идеја „реонски полицаец“. Некој кон кој младите ќе имаат доверба, не некој од кој ќе бегаат – „еј, доаѓа полиција“ – туку некој кој би требало да ти биде сојузник доколку нешто има да можеш да пријавиш и да се чувствуваш безбеден да седиш на клупа. Најголем дел од случувањата се таму каде што младите циркулираат. И ова ќе пројде, а во меѓувреме ќе се направат различни табори, кои ќе бранат различни страни, што е подлога за следен напад. Тоа е тој магичен круг од кој треба да се излезе, да се прекине и да се поттикнат тие што набљудуваат да реагираат“, вели Битољану.

За Сибел Амет, пак, неопходно е институциите конечно да почнат да си ја работат својата работа и да престане молкот за реалните проблеми на младите.

„И ова што сега се случува е резултат на тоа што подолго време ништо не се преземало. Нормално е дека ако молчиме ќе станува само полошо и полошо. Потребно е дупло повеќе работа за да се санира прво долгогодишниот институционален молк за делата, па потоа да почнеме да градиме едно здраво општество со толеранција меѓу младите.“, констатира тој.

Едно семејство го загуби свој син единец. Друго семејство посетува дете во затвор. Кавга меѓу врсници и убод од нож, засекогаш однесоа еден млад живот.

Ј.Ј.

*Темата првично беше објавена во новата епизода на поткастот Мегафон, која може да ја слушнете на следниов ЛИНК.