„Нашиот син се кае за навредата кон професорката“ – се извинија родителите на избрканиот ученик од „Владо Тасевски“

Родителите на еден од учениците кои беа избркани од средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје јавно се извинија за навредата што ја упатил нивниот син кон професорката за време на онлајн час.

Во декември на социјалните мрежи се споделуваше видео на кое ученик ја навредува професорката за време на испрашувањето, додека друг неовластено го снимал случајот. Откако за случајот дознаа и од самото училиште, средношколците беа избркани со едногласна одлука на наставничкиот совет.

Родителите во јавното извинување велат дека нивниот син не бил свесен дека се снима онлајн часот, но чувствуваат одговорност да се извинат на професорката, нејзиното семејство, училиштето и целокупната професорска фела.

„Сакаме да укажеме дека од овој настан, последиците ги сносиме и ние како родители, заедно со нашиот малолетен син кој изразува длабоко каење за настанот и ветува дека во иднина никогаш нема да ја повтори оваа грешка и дека истиот е свесен за тежината на кажаните зборови, а ние како родители ќе се погрижиме тоа да биде така“, стои во извинувањето.