„Нашиот работен ден не завршува со крајот на часовите“ – Наставниците дискутираа за враќање на угледот на професијата

„Ви давам задача која мора да ја одговорите за три секунди. Замислете го вашиот омилен учител, наставник или професор? Верувам дека не ви беше потребно повеќе од една секунда за да дадете одговор? Размислете зошто токму тој наставник ви бил омилен. За домашна работа, пишете му на вашиот омилен учител или наставник. На мејл, на вибер, по пошта… Пишете му порака во која ќе ја искажете вашата благодарност за се што ве научил во животот“.

Со овие зборови, Алвин Салимовски, наставник и директор во Основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ од Шуто Оризари го заврши својот говор пред просветните работници на конференцијата „Speech4Teachers“, на која преку повеќе мотивациски говори на образовни експерти, практичари и креатори на образовни политики се одбележа Меѓународниот ден на учителот.

Темата на конференцијата беше „Улогата на учителот во новата реалност“, а Салимовски во детали го објаснуваше процесот на кој неговото училиште се префрлило кон онлајн наставата поради пандемијата со коронавирусот, потенцирајќи ги предизвиците за наставниците во целиот тој процес.

„Ќе се обидам да набројам само дел од работните задачи на еден наставник, кои не стојат во систематизацијата на работните места и кои не сме ги учеле на факултет. Да се биде наставник значи: доживотно да си ученик, и постојано да се прилагодуваш на секоја нова генерација, или да бидеш во тренд или „ин“. Да бидеш водич и пример за учениците. Работното време не ти завршува со завршување на часовите. Грижата на наставниците е постојана и си ја носиш дома. Наставниците не треба да знаат се, но мора да бидат запознаени со многу. Да бидеш наставник значи да бидеш столбот во градењето на една индивидуа и креатор на една млада личност со изградени морални вредности, доблест, почит, самодоверба, искреност и толеранција. Да се биде наставник значи да размислуваш родителски, да бидеш добар педагог, психолог, советодавец и медијатор. И можеби една од најдобрите работи, за да бидеме добри наставници, е да се соочиме со нашите слабости. Како што се технологијата, педагогијата, организацијата, комуникацијата и спремноста да прифаќаме сугестии и новини во образованието“, рече Салимовски.

Елизабета Секирарска, професорка во средното улилиште „Перо Наков“ од Куманово, која во 2013 година ја доби државната награда за најдобар просветен работник, рече дека долготрајното маргинализирање на фелата придонела да имаат нарушена самодоверба и да се прашуваат дали тоа што го работат го работат добро, бидејќи немаат потврда за тоа. Дополнително, објаснува дека проблематично е што нивниот авторитет постојано се доведува во прашање.

„Можеби треба да се запрашаме, во годините што поминаа што имаме ние од физичкото присуство на нашите ученици во училница? Какви се резултатите? Да ги споменам ПИСА тестовите? Ми се плаче кога ги гледам резултатите. Тие деца се со нас во училница. Имам впечаток дека образовниот процес во вистинска, суштинска смисла, се сведува на прашање на географија. Тие се со нас, ама не ги научуваме. Тоа не значи дека ако не се со нас не можеме да собереме сили и да си ја изградиме улогата како наставници. Со сите нишани да ги научиме и на лекција и на живот. Колеги да не се откажуваме. Во напорот да бидеме добри наставници ги изгубивме децата од вид. Ние не можеме да ги вратиме во клупи туку-така. Сега гледам штрајкуваат, сакаат да се вратат во училиштата. Каде? Во оној ист магичен простор од кој бегаат и каде имаат по 200 изостаноци. Родителите кои штрајкуваат со нив, истите оние родители кои ни го донесуваат авторитетот во прашање кога од двојки треба да пишуваме петки? Тоа е тоа на кое треба да работиме. А се друго – лекција се учи и заборава. Она што останува зад нас како трага и печат е тоа на кое мора да работиме“, додаде таа.

Сузана Киранџиска, од Фондацијата „Чекор по чекор“ посочи дека овогодинешната тема „Улогата на учителот во новата реалност“ не ја означува само новата реалност предизвикана од пандемијата поради која наставниците мораа да се снаоѓаат како што знаат и умеат без елементарни услови за спроведување на онлајн настава, туку и на постојаните промени кои што се случуваат во светот, кои стануваат се побрзи и побрзи.

„За да бидат во чекор со промените наставниците мораат да преземат иницијатива и одговорност за својот личен и професионален развој, да не чекаат некој друг да им каже што да научат, или што е уште пострашно, да не сакаат да учат и да се надградуваат, поради тоа што се незадоволни од својот статус во општеството. Точно е дека државата треба да обезбеди услови за квалитетна настава, но доколку тоа не го направи, наставниците се должни да го бараат тоа од неа и да бидат лидери во промените кои ги носи новото време“, истакна таа.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, рече дека достоинството на наставникот било ставено под прашање во минатото и дека Владата сега, со сите капацитети, ќе се труди наставникот да се врати во центарот на нивните дискусии, вложувања и неговото достоинство да биде на нивото на кое треба да биде.

„Сега во овој период на светска пандемија покажувате колку сте значајни. Не требаше да биде така. Требаше во изминатите 15 години да вложуваме и денеска образовниот систем да биде отпорен, флексибилен и брзо да се реорганизира за да ги следи новите трендови. И тоа ќе беше така ако 15 години во континуитет вложувавме, ако 15 години се грижевме за секој од вас и ако ги извлечевме сите потенцијали кои наставниците во нашата држава ги имаат. Не го направивме тоа, но никогаш не е доцна. Денеска, навистина, со цела почит ве слушам и размислувам на кој начин може да помогнеме за вие да бидете лидери, носачи на промените кои сега ни се случуваат во образованието, кои ќе значат децениски скок во промена во образованието“, рече Царовска.

Настанот се организираше од Фондацијата Отворено општество-Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Даниел Евросимоски