Насер Зибери избран за нов Народен правобранител

Со 61 глас „за“ и ниту еден глас „против“ вечерва во Собранието на Република Северна Македонија, за нов Народен правобранител беше избран правникот Насер Зибери.

Тој ќе ја наследи функцијата на Иџет Мемети кој беше на чело на институцијата 16 години, односно два мандати по осум години.

Зибери е роден во 1961 година. Дипломирал во 1985 година на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина. Во 2010 година положил правосуден испит, додека во 2012 година положил и нотарски испит.

Во периодот од 1986 год 1990 година работел како новинар во весникот „Флака е влазеримит“. На првите парламентарни повеќепартиски избори во 1990 година, но и на изборите во 1994 година и 1998 година, бил избран како пратеник во Собранието.

Од 1996 до 1998 година, Зибери бил и министер за труд и социјална политика, како и потпретседател на Владата.

Името на Зибери се провлече во пошироката јавноста и неодамна, кога за време на кампањата на последните парламентарни избори во јуни, тој беше предложен од политичката партија „ДУИ“ како кандидат за прв премиер Албанец во Република Северна Македонија.