НАСА успешно го промени правецот на астероид кој го погодија со вселенско летало

Американската вселенска агенција (НАСА) информираше дека нивниот обид да го поместат правецот на движење на астероид бил успешен.

Научниците потврдиле дека орбитата на астероидот Диморфос била променета откако вселенско летало на мисијата „Дарт“ се судри во него минатиот месец.

Мисијата се гледа како тест за потенцијална стратегија за одбрана на Планетата Земја од вселенски објекти кои може да претставуваат закана. Успехот на „Дарт“ докажува дека таквата идеја може да функционира доколку таквата мисија е правовремена и доколку метата не е преголема.

„Оваа мисија покажува дека НАСА се обидува да се подготви за било што што Универзумот би го испратил кон нас. Верувам дека НАСА докажа дека сме сериозни како бранители на Планетата“, изјави администраторот на Агенцијата, Бил Нелсон.

Мисијата се одвиваше на околу 11 милиони километри од Земјата, а леталото управувано од НАСА удри во Диморфос со околу 22.000 километри на час. Пред сударот овој астероид кружел околу неговиот поголем соседен астероид, наречен Дидимос, за 11 часа и 55 минути. По ударот орбитата се променила и се намалила на 11 часа и 23 минути, што е промена од 32 минути. Тоа значи дека со сударот Диморфос бил поместен кон Дидимос за околу десетина метри.

„Ова е 4% промена во периодот на орбитирање на Диморфос околу Дидимос. „Дарт“ само направи мало поместување. Но, доколку сакате ова да го направите во иднина, би сакале тоа да го направите неколку години порано. Времето на предупредување е клучно со цел да се овозможи вакво поместување на астероид во иднина како дел од многу поголема планетарна одбранбена стратегија“, објаснува Ненси Чабот, професорка на Универзитетот „Џон Хопкинс“, која ја предводеше мисијата на НАСА.