НАСА отвори повик за идеја за робот што ќе им помага на астронаутите во мисиите на Марс

НАСА ја отвори регистрацијата за новиот натпревар „Space Robotics Challenge“. Овој настан има за цел да ги развие способностите на роботите кои ќе им помогнат на астронаутите при нивното патување на Марс.

Натпреварот со награден фонд од еден милион долари е создаден за да ги помести границите на роботските вештини. Тимовите мора да програмираат виртуелен робот, моделиран според Робонаут 5 (Р5) на НАСА, кој ќе исполнува задачи.

Поради тоа што некои вештини се развиени за роботските системи на Земјата, овие роботи не може да бидат искористени и во вселената поради екстремно ниските температури и тешките услови на планетарните површини.

Р5 користи еластична технологија наместо хидраулична – иновативен начин за решавање на проблемите поврзани со функционирањето во вселена. Технологијата, исто така, може да биде корисна и за човештвото, бидејќи тие можат да функционираат под екстремни и опасни услови.

„Прецизни и вешти роботи, способни да работат со одолговлекување во комуникациите, може да се користат во вселенски мисии на Марс и на други места за опасни и комплицирани задачи, кои ќе бидат клучни во поддршката за нашите астронаути“, вели Монси Роман, програмски менаџер во НАСА.

„НАСА и нашите партнери се сигурни дека јавноста ќе се пријави за овој предизвик и се возбудени да видат каква иновативната технологија ќе создадат“.

Натпреварот ќе се одржи во виртуелна средина, односно роботот на секој тим ќе треба да се справи со последиците од песочните бури на Марс.

Регистрацијата за натпреварот веќе трае, а од средината на септември, до средината на ноември ќе има квалификации. Финалистите од оваа рунда ќе бидат соопштени во декември и ќе бидат дел од пракса која ќе се одвива од јануари до јуни 2017 година. Конечниот натпревар ќе се одржи во јуни 2017 година, а победниците ќе бидат соопштени на крајот од јуни во Вселенскиот центар Хјустон.

Со технологијата која ќе произлезе од овој предизвик, роботите може да учествуваат во други мисии и да конструираат и програмираат, да содржат комуникациски вештини, како и податоци за поправки на соларната енергетска структура и други делови на вселенското летало.