НАСА соопшти дека откриле нови 219 планети надвор од нашиот сончев систем.
Овде влегуваат и 10 планети кои се „карпести” како Земјата и кои постојат во „златната средина“ на Сончевиот систем, односно ниту премногу блиску до својата ѕвезда, а со тоа и премногу топли, ниту премногу далеку и премногу ладни за да постои течна вода.
Присуството на вода се гледа како клучен фактор за постоење на живот.
Преку „твит“, НАСА соопшти: „Научниците, користејќи Кеплер идентификуваа 219 потенцијални нови светови!”
Со ова откритие, вкупниот број на нецелосно истражени егзопланети – планети надвор од нашиот Сончев систем – што се пронајдени од страна на вселенскиот телескоп Кеплер се зголеми на повеќе од 4.000.
„Овој внимателно измерен каталог е основа за директно одговарање на едно од најрелевантните прашања во астрономијата – колку планети како нашата земја постојат во галаксијата”, вели Сузан Томпсон, истражувачки научник во Институтот SETI, кој ги истражува знаците за вонземски живот.
Во соопштението на НАСА стои: „Сега има 4.034 планети-кандидати идентификувани од страна на Кеплер. Од нив, 2.335 се потврдени како егзопланети. Од речиси 50 планети-кандидати на кои е можно да постои живот, а се со слична големина како на Земјата, повеќе од 30 се потврдени.
„Покрај тоа, резултатите добиени со користење на Кеплер укажуваат на две различни групации на големината на малите планети. Сите резултати имаат значителни импликации за потрага за живот“, велат од НАСА.