НАСА објави 56 патенти за технологија за бесплатна јавна употреба

НАСА минатата недела објавила 56 претходно патентирани технологии во јавност, за слободно и бесплатно нивно користење, објавува IFL Science. Освен тоа, НАСА најави и нова датабаза за пребарување, а која содржи повеќе од 1000 истечени патенти кои веќе ѝ биле достапни на јавноста.

Корисниците сега лесно можат да пребаруваат низ патентите за роботика, информациска технологија и софтвери, комуникации, електроника, околина, материјали, снабдување со енергија, пропулзија, медицина и биотехнологија.

Иако многу од идеите во датабазата биле првично развиени за употреба во вселенските програми, многу од нив имаат поширока примена.

Освен бесплатните технологии, во нивната датабаза има и патент за систем за прочистување на вода со висок напон, метода за производство на јаглеродни наноцевки, па дури и хиперсонично летечко возило патентирано во 1930-тите.

Приватните компании за вселенски бродови веќе имаат корист од патентите на НАСА. Добар пример за тоа е концептот на вселенски модули на надувување, наречени TransHab, патентирани од НАСА во 90-тите. Приватниот стартап Bigelow Aerospace подоцна го откупил патентот, и сега ја користат технологијата за да развијат свои вселенски живеалишта на надувување.

Компанијата го откупила патентот за 17.8 милиони долари. но, со оглед на тоа што сѐ повеќе компании се вклучуваат во пазарот на вселенски возила, бесплатните патенти можат да помогнат многу за исчекор во вселенското истражување.

„Преку правење на овие технологии достапни за јавноста, помагаме да се поттикне нова ера на претприемништво која повторно ќе ја смести Америка на фронтот на производството на висока технологија и економската компетитивност“, вели Даниел Локни, извршен директор на програмата за технолошки трансфер на НАСА.

„Со објавување на оваа колекција во јавност, ги охрабруваме претприемачите да ги истражат новите начини на комерцијализирање на технологиите на НАСА“, додава.