НАСА ќе ги објави сите свои истражувања бесплатно на интернет

НАСА најави дека ќе ги објави онлајн сите свои истражување бесплатно. Агенцијата направи нова веб-страница насловена Pubspace, каде јавноста може да ги најде сите финансирани истражувања, почнувајќи од студиите за тоа дали постои живот на една од месечините на Сатурн, па се до ефектите од вселенската станица врз фоликулите на косата на астронаутите.

Во 2013 година, Канцеларијата за наука и технологија при Белата куќа побара од НАСА и од други агенции да го зголемат пристапот до нивните истражувања, кои порано биле достапни само со претплата. Сега, НАСА воведе политика која налага агенцијата да ги објавува сите финансирани студии на веб-страницата Pubspace во рок од една година по објавувањето.

Сепак, има некои исклучоци, како на пример истражувања кои се поврзани со националната безбедност. Досега, на страницата се објавени нешто повеќе од 850 статии, а уште многу други се очекуваат да бидат објавени.

„Правејќи ги нашите податоци подостапни, значително ќе го зголеми импактот од нашето истражување“, рече главниот научник на НАСА Елен Стофан.

„Како научници и инженери, ние работиме на градење на основа поставена од други“.

Потегот е дел од новиот тренд кој се појави во научната сфера, кој промовира научните трудови да бидат подостапни. Во мај, државите-членки на ЕУ се согласија на иницијативата која се обидува да ги направи европските научни студии целосно достапни до 2020 година.