НАСА го одложи слетувањето на Месечината за 2026 година

Астронаутите на американската вселенска агенција нема да зачекорат на Месечината најрано до септември 2026 година, пишува „Би-Би-Си“.

Ова претставува одложување за една година од претходно назначената цел за враќање на луѓето на површината на Месечината што последно се случи во 1972 година.

Од НАСА кажаа дека одложувањето на мисијата која е позната како Артемис 3 ќе даде време и за понатамошен развој на технологијата.

Во основа, агенцијата се’ уште нема опрема да прати астронаути на Месечината, ниту соодветна облека која тие можат да ја носат.

Соопштувајќи го одложувањето, администраторот на агенцијата, Бил Нелсон рече дека безбедноста ги поттикна размислувањата за одложување.

„Нема да летаме се’ додека не сме спремни“, изјави тој за новинарите.

Мисијата позната како Артемис 2, според сегашните прогнози треба да се случи во септември 2025 година. Со оваа мисија четворица астронаути треба да летаат околу Месечината без воопшто да слетаат. До вчера, оваа мисија беше предвидена да се случи до крајот на оваа година.

Мисијата Артемис 1 се случи во ноември 2022 година. Станува збор за пробен лет без екипаж со леталото, составено од напредната СЛС ракета и револуционерната вселенска капсула Орион. Капсулата сега бара инсталација на систем за одржување на живот пред квартетот Артемис 2 да може да се качи на бродот и вселенската агенција е загрижена за електрониката во овој систем што сега ќе треба да се ревидира.

Инженерите исто така побараа повеќе време за да го разберат однесувањето и перформансот на топлинскиот штит на капсулата Орион за време на огненото повторно влегување во атмосферата на Земјата на крајот на мисијата. Овој штит доживеа некои неочекувани загуби на материјал за време на враќањето на Артемис 1.

Сепак, веројатно најголемиот проблем на НАСА сега е слетувањето на леталото на  Артемис 3.

[Видео] „Ново поглавје во истражувањето на Месечината“ – Лансирана ракетата Артемис 1