НАСА ги избра астронаутите и астронаутките кои ќе стапнат на Месечината во 2024

НАСА ги објави имињата на 18 астронаути кои ќе патуваат на Месечината преку новата програма „Артемис“. Помеѓу нив има индивидуалци кои веќе патувале до Интернационалната вселенска станица, но има и нови лица кои претходно не патувале во вселената.

Помеѓу избраните астронаути се и првата жена астронаут и нејзиниот сопатник кои ќе стапнат на површината на Месечината во 2024 година.

Вселенскиот кадар од 9 жени и 9 мажи беше официјално објавен од заменик претседателот на САД, Мајк Пенс.

Стефани Вилсон која има патувано во вселената веќе три пати, Кристина Кох, која го држи рекордот за најдолго поминато време во вселената како жена астронаут и Виктор Гловер кој пред извесно време беше дел од тимот на „СпејсX“, се дел од оние кои ќе патуваат во вселената во наредните години.

Американската вселенска агенција планира да испрати маж и жена на јужниот пол на Месечината, а тоа би претставувало прво слетување на Месечината со астронаутски екипаж по „Аполо 17“ во 1972 година.

Но, мисијата „Артемис“ ќе биде продолжена со уште неколку лета, а астронаутите ќе патуваат со вселенското летало „Орион“ кое ќе биде лансирано со огромна ракета „Вселенски лансирачки систем“.

Од НАСА известуваат дека агенцијата сака да воспостави одржлива програма за истражување на Месечината, која ќе вклучува и изградба на прва лунарна база.

Извор: BBC