Итно да се затвори приемното одделение во затворот Идризово, поради нехуманите и деградирачки услови за престој на осудените лица. Ваква препорака денес до Министерството за правда и Управата за извршување санкции упати Народниот правобранител Иџет Мемети, при презентацијата на годишниот извештај за работата на Канцеларијата на народниот правобранител, објави СДК.
„Денес ќе обелоденам дека има сериозни појави на корупција. Информациите ги добивме од осудениците, но неформално потврдија и вработените. Во нашите затвори се продаваат кревети, мобилни, па дури и дрога. Место програма за одвикнување имаме информација дека во затворите се регрутираат нови корисници на дрога”, рече Мемети.
Мемети рече дека ова го бараат бидејќи во мал и руиниран простор при нивната посета затекнале 80 осуденици.
„Во ова одделение има три соби, ходник и еден тоалет. Приемното одделение е пренатрупано, па луѓето спијат на картони и душеци во самиот ходник. Просториите се со мувла, тече од таванот, а прозорците се искршени. Сите го користат единствениот тоалет, кој е руиниран, а во него го чуваат и приборот за јадење“, забележа омбудсманот.