Народен правобранител: Средношколците не се препознаени како фактор за важни одлуки во образованието

Средношколците низ Македонија не учествуваат во донесувањето одлуки во образованието. Односно, средношколците не се препознаени како фактор што може да придонесе за ефикасно функционирање и работење во училиштето.

Овие заклучоци се дел од Посебниот извештај на Одделение за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби на Народниот правобранител. Извештајот е произлезен од истражување на Канцеларијата на Омбудсманот од второто полугодие од училишната 2015/2016 година, со кое е констатирано дека учеството на средношколците во земјава во воспитно-образовниот систем не е уредено со Законот за средното образование, ниту пак со подзаконски акти.

Учеството на учениците во донесувањето одлуки не е унифицирано, односно подеднакво во сите средни училишта. Во 61 средно училиште учеството на децата е уредено со некаков интерен акт на училиштето, а во 42 нема форма на организираност за учеството на децата во донесувањето одлуки. ­

„Анализата на прашалниците добиени од 103 средни училишта во Македонија ја потврдува констатацијата дека не е законски уредено прашањето на учество на децата во донесувањето одлуки. Анализирајќи го Законот за средно образование, утврдивме дека учениците, нивните родители или старатели имаат можност на некој начин да учествуваат само преку форма на поднесување приговор, и тоа во три случаи ­ кога не се задоволни од оценка на крајот на годината, во случај на резултатите од екстерното проверување или за изречена педагошка мерка“, изјави Васка Бајрамовска­ Мустафа, заменик народен правобранител.

Оттука, Народниот правобранител препорачува измени во Законот за средното образование. Идејата е да се даде посебна, правна форма на правото на учество на децата и правото на ученичко здружување, каде претставниците на учениците квалитетно ќе може да ги застапуваат правата на децата, да ги изразат нивните ставови и интереси за суштински прашања во образованиот процес.