„Напрај се Василичар“ за Вевчанскиот карневал

Под слоганот „Напрај се Василичар“ ќе се одржи овогодинешниот Вевчански карневал, на кој се најавуваат над 1.000 маски, богата програма со културно – забавни содржини и повеќе од 10.000 посетители од земјата и странство.

Програмата официјално започнува на12-ти јануари од 19 часот на отворената сцена на игралиштето, каде ќе настапат DJ Todoroff, македонското поп-рок дуо Eye Cue, Brass Brothers и Влатко Лозаноски. Кулминацијата ќе се случи на 13-ти јануари кога маските ќе бидат претставени пред јавноста на големото василичарско дефиле.

Во вториот дел од програмата, односно, од 21 часот ќе настапат македонските музички фолк ѕвезди Дамјан Стојановски, Татијана Стојановски, а на полноќ со традиционален огномет и трубачи ќе биде дочекана Старата Нова Година.

За прв пат, на карневалот се вклучува и традиционално гурманско шоу со Бранко Попоски, македонскиот food blogger со вевчанско потекло, познат по проектот Cooking with Branko.

Ќе има традиционални вевчански јадења кои се подготвуваат специјално за карневалот, на уникатен начин.

Фото: Стојан Лешоски