Од 15 октомври до 15 ноември 2014 год. сите љубители на добрата фотографија, аматери и професионалци, ќе можат да учествуваат на фото – натпреварот со авторски фотографии од овековечени моменти од концерти, претстави, перформанси и други културно-уметнички и забавни манифестации на тема „Емотивната страна на културата“.
Фото-натпреварот го организира компанијата Еуролинк, а во рамки на проектот „Денови на фотографијата“. Притоа сите заинтересирани за учество на конкурсот треба да ги пријавуваат своите фотографии на Фејсбук страницата : www.facebook.com/eurolinkmk.
Пристигнатите авторски фотографии ќе бидат разгледани од страна жири – комисија, составена од етаблирани професионални фотографи и фото уредници. Тие ќе одлучат за најдобрите три фотографии, на чии автори ќе им бидат доделени вредносни ваучери во висина од 60.000 денари, 30.000 денари и 15.000 денари.
Исто така, преку јавно гласање за најдобрите фотографии на Facebook профилот на Еуролинк осигурување, и заедно со одлука на стручното жири, ќе бидат селектирани 30 најдобри фотографии кои понатаму пред јавноста ќе бидат претставени на изложба која ќе има продажен карактер и која ќе биде отворена на 20 ноември во фоајето на Македонската опера и балет во Скопје. Собраните средства од продажната изложба на фотографиите ќе бидат донирани во одделот за Дигитални уметности (фотографија) во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.
Најдобрите 12 фотографии пак ќе бидат дел од календарот на компанијата за 2015 година.