Напишала 270 страници на Википедија за една година за промоција на жените научници

Џес Вејд е жена-научник со мисија. Таа сака секоја жена која постигнала нешто импресивно во науката да добие признание што го заслужува, почнувајќи со Википедија.

„Создадов 270 страници минатата година“, вели Вејд, постдокторски истражувач во областа од пластичната електроника на Кралскиот колеџ во Лондон.

„Имав цел да направам една на ден, но понекогаш бев премногу возбудена и правев по три“.

Познато е дека науката не ги привлекува доволно жените и не ги поддржува и слави. Но, пристапот на Вејд е освежувачки и заразен.

„Сфатив дека работите може да ги смениме единствено од внатре“, вели таа. „Википедија е навистина одличен начин да се ангажираат луѓе во оваа мисија бидејќи колку повеќе читате за овие сензационални жени, толку повеќе сте мотивирани и инспирирани од нивните лични приказни“.

Вејд потекнува од семејство на научници, така што таа не се соочила со препреки во нејзиниот пат до обезбедување место за да студира физика на Кралскиот колеџ.

Кога започнала, студиите биле тешки и морала целосно да се фокусира, па едвај забележала дека немало многу девојки.

Дури за време на докторските студии таа сфатила како да се биде малцинство влијае во секојдневното искуство.

„Да се биде изолиран е тешко – ова се однесува на сите недоволно застапени групи“, вели таа.

„Потоа, има доста предизвици за време на докторските студии кои ја зголемуваат таа изолација. Ако немаш некој со кој да се согласуваш, тоа е толку тешко“.

Вејд започнала со држи говори во училишта со цел да ги охрабри девојките да се вклучат во науката, но брзо се исфрустрирала од работата што се одвива под банерот „жени во науката”.

Пораките често биле изразени негативно, како „9 отсто не е доволно“ која ја искористи Институтот за инженерство и технологија во кампања во 2016 година. Потсетува и на кампањата на Европската комисија која сакаше на науката да и даде секси, женствен пристап со видеото „Наука: тоа е женска работа!“, во кое три млади жени одат по модна писта и решаваат хемиски равенки за кармини и лак за нокти.

Многу од овие иницијативи се поддржани со значителен износ на финансиски средства – проценките на Вејд се од 4 до 5 милиони фунти годишно се трошат за жените во науката, со големи придонеси од банките и инженерските фирми, како и од владата.

„Тоа не е само неколку академци кои излегуваат и прават разговори во училиштата, туку огромни инвестиции во пари”, вели таа. Сепак, се чини дека има малку или воопшто нема евалуација за тоа дали проектите ги постигнале своите цели – а доказите не се охрабрувачки.

„Има толку многу енергија, ентузијазам и пари кои одат во сите овие иницијативи за да ги привлечат девојките во науката”, вели таа. „Апсолутно никоја од нив не е базирана на докази и ниту една од нив не функционира. Тоа е толку ненаучно, тоа е она што навистина ме изненадува”.

Професорката Ким Коб, американска жена-научник за клими, беше нејзин прв предмет.

„Таа е интересна, таа прави навистина кул истражувања за корали и таа нурка за да собира примероци”, вели таа. Набргу потоа, Вејд почна да раскажува за Сузан Голдберг, уредничка на National Geographic (првата жена која ја добила оваа позиција), забележувајќи дека и за неа нема запис на Википедија.

„Мислев, тоа е срамота, па ја направив нејзината страница”, вели таа. Од тогаш таа направила уште стотици.

Активноста на Вејд не е ограничена само на интернет. По читањето на книгата „Инфериорно” на Ангела Саини од 2017 година, која го применува научниот надзор на тврдењата за половите разлики и родовите стереотипи, Вејд почнала да дистрибуира копии.

„Сфатив дека ваквата пристрасност толку долго продира низ општеството”, вели таа. „Уште од Дарвиновото време жените се борат. Јас одеднаш сфатив дека можам да го направам ова: можам да го сменам и можам да се погрижам другите луѓе да го прочитаат истото“.

Таа номинира други жени за награди, вклучувајќи ја и Ема Чепман, астрофизичарка на Кралскиот колеџ, која минатата недела ја доби наградата „Атина“ на Кралското друштво.