Нападнати ЛГБТИ активисти по Парадата на гордоста, приведено едно лице

По вчерашната Парада на гордоста во Скопје, шестмина ЛГБТИ активисти биле нападнати, соопшти МВР.

Тие на Матка биле пресретнати од неколкумина и навредувани поради сексуалната ориентација.

„Околу 16:00 часот на Кањон Матка, Б.И. (32), З.Л. (31) и К.Џ.(31) сите од Тирана-Албанија, И.А. (21)и Х.Л.(32) двете од Босна и Херцеговина и А.Б. (36) од Тетово биле пресретнати од група од околу 6-7 лица и навредувани зашто биле припадници на ЛГБТИ заедницата. За да избегнат проблем, се качиле во такси возило и се упатило кон Сарај.

По нив тргнало “Ауди“ со кое кога пристигнале во близина на плоштад “Иса Булетини“ во Сарај им бил попречен патот и такси возилото принудно запрело. Тогаш од “Ауди“ излегол возачот и започнал да го навредува и да упатува пцовки и закани насочени конкретно кон А.Б. и во еден момент физички го нападнал“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму информираат дека напаѓачот е приведен и дека станува збор за А.Ј. (30) од Скопје.