Нападнат и демолиран кафе-барот Дамар

Група од 20 до 30 лица вечерва го нападнале и демолирале кафе барот Дамар во Старата Скопска Чаршија, потврдија за Радио МОФ дел од присутните во кафе барот.

Нападнат и демолиран кафе-барот Дамар во Стара Скопска Чаршија

Насилната група започнала да мава со стаклени шишиња и гајби кон гостите. Според изјавите на присутните, повредени се неколку лица, меѓу кое едно е со повреда на главата, додека уште неколкумина имаат расеченици од стакло.

Во моментот кога се случил инцидентот во кафе барот се одвивала роденденска забава за одбележување на вториот роденден на ЛГБТИ Центарот за поддршка, кој е дел од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Директорката на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска, го потврди инцидентот за Радио МОФ и изјави дека на лице место веќе е дојдена полицијата, додека се уште се чека да пристигне Брзата помош.

– Има неколку повредени луѓе од срчите, има една повредена девојка и неколку луѓе се испосечени, рече Пировска.