Напад со меч во шведско училиште, еден загинат и петмина повредени

Маскиран напаѓач убил еден човек, а повредил петмина во напад со меч во основно училиште во шведскиот град Тролхетан, на западот на земјата, пред да биде застрелан од полицијата, јавуваат медиумите.

Жртвите на нападот биле пренесени во болница, чиј портпарол изјавил дека еден возрасен човек не ги преживеал повредите. Меѓу повредените е уште еден возрасен и две деца на возраст од 11 и 15 години, соопшти полицијата. Напаѓачот, кого полицајците го погодиле со неколку куршуми, е во критична состојба.

Телевизиските слики од местото покажале полициски кордон околу училиштето, со амбулантни и полициски возила во дворот. Голема група луѓе, меѓу кои и родители, се собрале пред училиштето.

Полицијата засега не го објавува идентитетот на напаѓачот, ниту какви било детали за мотивот за нападот, но објави дека тој имал околу 20 години и дека со себе носел „неколку предмети слични на нож“. Полицијата го пребарала неговиот дом.

„Некои ученици мислеа дека човекот облечен во црно, кој држеше долг меч, е дел од некаква шега. Кога сфатија колку е сериозна ситуацијата, почнаа да бегаат, а многумина се сокрија во училниците“, изјавило едно од децата.