Наместо тоалетна хартија, Шпанците прават резерви на вино, пиво и чоколади

Продавниците во Шпанија се преполни, а наместо тоалетна хартија, Шпанците панично купуваат вино, пиво, маслинки, чипс и чоколадо, или едноставно, повеќе ги конзумираат, пренесува хрватски „Индекс“. Тоа го покажуваат податоците од пазарот во моментот кога целата држава е во изолација од 15 март.

Шпанците изминатава недела купиле 80% повеќе пиво и 60% повеќе вино отколку пред една недела претходно, се вели во извештајот на магазинот за потрошувачи „Инфоретаил“. Продажбата на маслинките пак, пораснала за 94 проценти. Чипсот од компири, чоколадите и сладоледите исто така исчезнуваат од полиците и нивната продажба е зголемена од 76 на 87 проценти. Шпанците кои обично се дружат во кафичите, баровите и другите места на отворено сега направија свои домашни барови, пренесува шпанскиот весник „Ел Паис“.

Психологот Олга Кастаниер овие промени ги припишува на вознемиреноста предизвикана од епидемијата на вирусот и новите ограничувања на движењето.

„Кога сте под стрес, не јадете стек. Во таква ситуација, телото копнее по шеќери и маснотии“, вели Кастаниер за „Ел Паис“.

Досега во Шпанија се регистрирани над 117.000 случаи на заразени со коронавирус, а бројката на светско ниво се искачи над еден милион.