Наместо од Мексико, Трамп за изградба на ѕидот ќе бара пари од американскиот Конгрес

Доналд Трамп нема да се обидува да ја натера Владата на Мексико да плати за ѕидот што планира да го гради долж границата меѓу САД и Мексико.

Телевизијата Си-Ен-Ен, цитирајќи членови од Претставничкиот дом, објави дека екипата на новиизбраниот претседател на САД, по долги дискусии, решиле проектот за ѕид меѓу двете соседни земји да се финансира од американскиот буџет. Односно, Трамп ќе побара средства од Конгресот.

Според американските медиуми, републиканците во Конгресот и екипата на Трамп разгледуваат дали можат да се преземат нови чекори, со цел да се одобри изградба на ѕидот, а без притоа да донесат нов посебен закон.

Републиканецот Стив Скалиси од Лујзијана не конкретизираше дали Конгресот ќе плати за ѕидот. Нагласи дека се уште се водат разговори за деталите, и дека „сакаат да се изгради ѕидот, а и Трамп сака да се изгради ѕид“.