Намалувањето на сиромаштијата мора да почне од децата

На денешната конференција што ја организира Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ и Светска банка, експерти од областа на детската сиромаштија и претставници од владини и академски институции дискутираа за решенија кои ќе помогнат да се стави крај на детската сиромаштија во земјата и се согласија дека во социјалната реформа која има за цел да се справи со сиромаштијата приоритет мора да им се даде на децата.

„Социјалната реформа, која ја најавивме пред неколку дена, а ќе стартува од почетокот на годината, треба да го преобрази целото општество и да помогне во справувањето со детската сиромаштија. Бидејќи секое дете ни е важно, за сите домаќинства и за оние кои примаат гарантиран минимален приход и за оние со минимална плата обезбедуваме детски и образовен додаток. Ова го правиме за да им дадеме шанса на децата од сиромашните семејствата да се вклучат во образовниот процес и да имаат еднаков старт со децата од семејствата со повисоки примања,“ изјави Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Истражувањата покажуваат дека сиромаштијата во детството влијае на сите аспекти од животот и може да има долгорочни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјален развој на децата. Негативните ефекти од сиромаштијата се посилни кога децата трпат долготрајна сиромаштија и штетните последици опстојуваат долгорочно не само за засегнатите лица, туку и за општеството, економијата на земјата и идните генерации.

„За да ставиме крај на сиромаштијата мора да почнеме од децата. Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да бидат сиромашни како возрасни и така да продолжат да го повторуваат меѓугенерацискиот круг на сиромаштија,” рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

„Вистинска промена може да се случи ако работиме заедно на три паралелни стратегии – подобрување на социјалната помош така што ќе обезбедиме да ја примаат оние деца и семејства на кои им е најпотребна; поддршка на семејствата за да можат да подигаат успешни членови на општеството и обезбедување универзален опфат со предучилишни програми за сите деца.“

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека најпогодени од сиромаштија се децата кои живеат со еден родител или во семејства со многу деца. Постојат големи разлики помеѓу различни региони што укажува на фактот дека не постои унифицирано решение за целата земја. Детската сиромаштија во Североисточниот регион – во Куманово, Крива Паланка, Кочани и околните села – изнесува 54 отсто, додека во Пелагонискиот регион – Битола и Прилеп – таа изнесува 11 отсто.

Според други последни расположиви податоци во земјата само едно од 300 сиромашни деца посетува предучилишна програма, а една третина од сиромашните деца не одат во средно училиште. Шест пати е поголема веројатноста девојчињата кои живеат во сиромаштија да се омажат пред својот осумнаесетти роденден, а двојно поголема е веројатноста сиромашните деца да бидат физички дисциплинирани од страна на своите родители во споредба со другите деца.

„Во последните години Македонија постигна значаен напредок во намалувањето на сиромаштијата, но сепак секое трето дете и понатаму живее во сиромаштија. Овие деца имаат ограничен пристап до квалитетни образовни услуги што влијае на нивните способности за градење на човечки капитал, отежнувајќи ја нивната подоцнежна интеграција на пазарите на труд и влијае на нивните шанси да ја избегнат сиромаштијата и ранливоста подоцна во животот “, изјави Марко Мантованели, директор на Светска банка за земјата.

„Преку неодамна одобрениот проект за подобрување на социјалните услуги, Светската банка, заедно со македонската Влада, работи на решавање на овие предизвици, особено оние поврзани со социјалната исклученост на ранливите групи и нискиот квалитет и фрагментација на грижата и образованието во раното детство и социјалните услуги.“

Македонија се наоѓа во процес на сеопфатна реформа на системот за социјална заштита, со која се очекува системот да може подобро да ја насочи помошта кон децата и семејствата со деца кои живеат во сиромаштија и поефикасно да реагира за да ги заштити децата и семејствата од катастрофалните ефекти на сиромаштијата.