Намален бројот на ученици и студенти сместени во домовите

Во домовите за ученици во основното и во средното образование и во студентските домови во 2015/2016 година биле сместени вкупно 7 201 ученици-студенти, што е намалување за 2,8 проценти во однос на претходната, 2014/2015 година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според податоците, 123 биле сместени во домови за ученици во основни и средни училишта, 2291 биле сместени во домови за ученици во средните училишта, додека 4787 студенти, запишани на Висока стручна школа или факултет, биле сместени во некој од студентските домови. Во домовите за ученици кои посетуваат средни верски училишта во 2015/2016 биле сместени 268 ученици.

Со годишните извештаи се опфатени 37 домови: за ученици во основните училишта, за ученици во средните училишта, за ученици во средните верски училишта и студентски домови.

Домовите за ученици и студентските домови обезбедуваат сместување, исхрана и воспитување на ученици и студенти за време на школувањето, вон местото на постојано живеење на нивните родители – издржуватели.

Во меѓувреме, Министерството за образование и наука го објави конкурсот за сместување на редовни студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други соодветни објекти.