НАкС: Собранието одбива да расправа за ветеното покачување на платите

Денес, Независниот академски синдикат (НАкС) испрати барање за средба со г. Влатко Ѓорчев, претседател на Комисијата за труд и социјална политика, пред одржувањето на закажаната седница на Комисијата во 14 часот, со цел да ја образложиме уште еднаш важноста од усвојувањето на Законот за дополнување на Законот за исплата на платите во РСМ по скратена постапка. Одговор на нашето барање не добивме, а во меѓувреме седницата на Комисијата повторно е одложена, реагираа од НАкС.

Од таму апелираат уште еднаш за итно закажување на расправа во матичната комисија, со што ќе се откочи процедурата за усвојувањето на Законот кој предвидува покачување на платите во високото образование од 10%.

„Доколку тоа не го стори претседателот на Комисијата, г. Влатко Ѓорчев, бараме од претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, согласно неговите надлежности, да ја закаже седницата на Комисијата за труд и социјална политика. Потсетуваме уште еднаш дека доколку Собранието не го изгласа Законот пред да се распушти, ќе стане јасно дека ветеното покачување на платите во високото образование претставува само предмет на предизборни партиски надмудрувања, кои се прекршуваат врз грбот на вработените во високото образование“, стои во реакцијата на НАкС.