НАКС: Поголема транспарентност и отчетност за поквалитетно високо образование

Постои исклучителна потреба за воспоставување на вистинска транспарентност од страна на Министерство за образование и наука (МОН) во однос на финансирањето на високото образование и науката, смета академскиот кадар во државава според истражувањето кое го спроведе Независниот академски синдикат (НАкС).

Дополнително, од одговорите добиени при анкетирањето на вработените во јавните високообразовни и научни институции, нивните перцепции се дека недоволно се валоризира трудот на академските работници.

„Потребен е соодветен третман на вработените во високото образование и науката (платата не претставува движечка мотивација за извршување на работните обврски) доколку намерата на државата е развој на високото образование и науката и напредок на државата во секоја смисла на зборот. Потребна е поголема транспарентност и отчетност (јасни документи; обезбедување соодветна достапност на документите; регулирање на сродни материи во еден документ) од страна на факултетите и институтите, како и поголема будност на наставно-научниот и соработничкиот кадар во однос на заштита на своите права во интерес на високообразовната и научната дејност во РСМ. Истражувањата покажаа дека интересот на студентите се најголем мотиватор на професорите и оваа состојба треба да се негува“, велат од НАкС.

Истражувањето е спроведено како дел од проектот „Транспарентност и отчетност во финансирањето на високото образование и науката во РСМ“. Од НАкС велат дека податоците од прашалникот и нивната анализа ќе им овозможат соодветно градење на нивните политики во поглед на проблемите со кои се соочуваат јавните високообразовни и научни институции.

„Групата прашања наменети да ја испитаат перцепцијата на јавноста во однос на платите на универзитетските професори покажува интересна разлика помеѓу сумите што Владата ги издвојува од буџетот за плати и сумите на самите плати од една страна, и сумата која, според испитаниците, треба да ја добие универзитетскиот професор како месечна плата од друга страна. Беа истражени и мислењата поврзани со недоволно почитување на академскиот кадар, недоволен стремеж на професорската фела, неквалитетна настава и некомпетентен академски кадар, и на крајот беа дадени препораки за подобрување на улогата на академскиот кадар“, наведуваат од синдикатот.

Истражувањата беа претставени вчера на трибината на која учествуваа в.д. претседателката на НАкС, Елена Џукеска, како и  професорите Драгор Заревски, Бојана Наумовска, Мира Беќар и Александар Таковски.